Продолжуваат вооружените конфликти меѓу ерменските и азербејџанските сили околу спорниот регион Нагорно Карабах. Ноќеска околу 1 часот по полноќ по локално време, беше ракетан Ганџа, вториот по големина град во Азербејџан.Во нападот загинаа 12 лица, ранети се повеќе од 40 лица и е предизвикана значителна штета на цивилната и транспортната инфраструктура, се вели во соопштението на Државното обвинителство на Азербејџан, пренесе ТАСС.
Во исто време, како што пренесува Спутник, одбранбената армија на Нагорно Карабах тврди дека утрово се гранатирани Степанакерт и Шуша и дека во тие напади имало ранети цивили.
Според азербејџанските власти, нападот предизвикал сериозна штета на цивилната инфраструктура и патиштата.Тие додаваат дека Ганџа била погодена од ракети „Скад“ (Р-17) од територијата на Ерменија, додека ерменската страна ги негира тие обвинувања.
Исто така, се наведува дека мисијата за спасување е сè уште во тек со цел да се утврди дали има граѓани кои се наоѓаат под урнатините на зградите.
Омбудсманот на Нагорно Карабах, Артак Бегларјан, вели дека најмалку двајца цивили биле повредени за време на синоќешното гранатирање на Степанакерт, како и дека цивилните предмети биле оштетени во тоа пукање.
Градот Степанакерт во Нагорно Карабах е бомбардиран по втор пат во последните 24 часа, а според достапните информации од местото на настанот, се слушнале четири експлозии.ТАСС јавува дека во градот се огласила сирена за воздушна опасност, а околу 40 минути подоцна избувнале четири експлозии во градот.