Мажот, кој беше убиен од француската полиција откако со нож му ја отсече главата на професор по историја во предградието на Париз, имал 18 години и по потекло е од Чеченија. Идентитетот на осомничениот не е објавен во јавноста. Француските медиуми објавија дека осомничениот е 18-годишен Чечен, роден во Москва.
Таа информација не можеше да се потврди веднаш, пренесува АП.
Убиениот учител по историја, наводно, отворил дискусија со учениците за карикатурите на исламскиот пророк Мухамед. Сведоците од местото на настанот наведуваат дека го слушнале напаѓачот како вика „Алаху Акбар“.
Француското обвинителство за борба против тероризмот отвори истрага за убиството под сомнение за терористички мотив.
Франција им понуди азил на многу Чеченци од почетокот на конфронтацијата на Русија со исламистичките сепаратисти во Чеченија во 90-тите и раните 2000-ти, а во Франција има чеченски заедници, потсетува агенцијата.