Во целосно дигитална форма првпат се одржа изборното собрание на Институтот на овластени ревизори на Република Македонија (ИОРРМ).
Покрај редовните точки, како што соопшти Институтот, на онлајн седницата на 16-ти октомври биле спроведени избори на членови на органите и комисиите на ИОРРМ, како и избор на претставник на ИОРРМ за член на Советот за унапредување и надзор на ревизијата во Република Северна Македонија (СУНРРСМ), преку електронско тајно гласање.
-Развојот на дигиталните алатки направи огромни промени во извршувањето на работните процеси, а притоа не ја одминаа ниту ревизорската професија, придонесувајќи за нејзиниот континуиран развој во склоп со времето во кое живееме, посочија од ИОРРМ.
Оттаму наведуваат дека М6 Едукативниот центар како организатор ги овозможил сите технички услови се да помине во најдобар ред, што претставува добар пример и за многу други институции и компании кои во иднина можат на оваа локација и на овој начин да ги организираат своите настани.
-Според самата природа, ревизорската професија е прва која треба да се промени или поточно кажано, прва која треба да биде во тек со промените. Ние работиме во опкружување кое постојано се менува, со клиенти кои постојано се унапредуваат, така што треба да ги знаеме промените однапред, за да можеме адекватно да излеземе во пресрет на ревизорските барања, но и да укажеме на соодветноста на тие промени или да ги иницираме истите, посочил претседателот на Управниот одбор на ИОРРМ, Драган Димитров.
Според него, еден ревизор мора да биде подготвен постојано да учи и да напредува, да се надградува себеси, а со тоа да ја надградува и професијата.
-Во денешницата, тоа значи приклучување кон глобалните трендови и стандарди – најголем дел од нив диктирани од технологијата и користењето на дигиталните алатки со цел попрецизно и полесно завршување на работата, додаде Димитров.