Во рамки на традиционалната манифестација „Отворени денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” – Скопје” утре ќе биде промовирана книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник” на новинарот на Македонското радио – Радио Скопје и публицист Свето Стаменов.
Книгата е своевидна збирка на радио – интервјуа реализирани на брановите на Македонското радио – Радио Скопје по повод деведесетгодишнината од смртта на Крсте Петков Мисирков, основоположник и кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, како и на автохтоноста на македонската национална свест, револуционер и борец против туѓите пропаганди.
Книгата содржи 13 интервјуа – разговори со еминентни универзитетски професори, македонисти, извонредни познавачи и почитувачи на грандиозното дело на Крсте Петков Мисирков.
Промотор на книгата „Крсте Петков Мисирков – македонскиот меѓник” на Свето Стаменов ќе биде проф. д-р Васил Тоциновски.
Според програмата, ќе бидат промовирани и најновите изданија на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”, како и книгата „Македонски лингвисти” на Иван Глигоровски.
На крајот на првиот ден од „Отворените денови на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков” Свето Стаменов на Институтот ќе му подари дваесетина примероци од неговите досега објавени книги кои се однесуваат на македонскиот јазик и на македонската култура.