Со оглед на тоа што случаите на коронавирус и хоспитализациите продолжуваат да растат во многу делови на САД, врвниот владин здравствен советник доктор Ентони Фаучи ги предупреди Американците дека собирите за Денот на благодарноста може да претставуваат сериозен ризик за пренесување на вирусот.
Нарекувајќи го „несреќен факт” што собирите за Денот на благодарноста можат да го забрзаат ширењето на вирусот, доктор Фаучи изрази жалење што Американците можеби ќе треба да изберат меѓу семејните собири и нивната безбедност и безбедноста на другите.
– Тоа е ризик, за жал, рече тој за Си-Би-Ес Њуз. – Кога имате луѓе што доаѓаат од надвор од градот, кои се собираат во затворен амбиент, не знаете каков е статусот, тажно е што тоа е толку свет дел од американската традиција, семејниот собир околу Денот на благодарноста, но тоа е ризик.
На околу еден месец до Денот на благодарноста, околу 700 Американци секој ден умираат од коронавирусот, националниот биланс на жртви е поголем од 210.000. Иако во сите држави нема нагло зголемување на стапката на зараза и хоспитализација, многу регистрираа скокови, па дури и рекордни бројки.
– Мислам дека со оглед на флуидната и динамична природа на она што се случува сега во ширењето и зголемувањето на инфекциите, предупреди доктор Фаучи, – Мислам дека луѓето треба да бидат многу внимателни и претпазливи во врска со социјалните собири, особено кога членовите на семејството можат да бидат изложени на ризик поради нивната возраст или нивната состојба.
– Имено, можеби ќе треба да го гризнете куршумот и да го жртвувате тој социјален собир, освен ако не сте прилично сигурни дека луѓето со кои имате работа не се заразени.
На прашањето како би изгледал неговиот Ден на благодарноста, доктор Фаучи рече дека ќе изгледа „многу поинаку”.
– Би сакал да го поминам со моите деца, но моите деца се во три одделни држави низ целата земја. А за да стигнат овде сите ќе треба да одат на аеродром, да се качат во авион, да патуваат со јавен превоз. Тие самите, поради нивната грижа за мене и мојата возраст, одлучија дека нема да се вратат дома за Денот на благодарноста, иако сите тројца сакаат многу да се вратат дома за Денот на благодарноста.
Повеќе од 50 милиони Американци минатата година долго патувале за да ги видат своите семејства, повеќето од нив со автомобил. Додека меѓудржавните патувања со автомобили и авиони во моментов не се забранети, различни држави имаат различни правила за карантин и социјално растојание, а некои ги обврзуваат луѓето што влегуваат од повеќето други држави да одат во 14-дневен карантин откако ќе пристигнат.
Во друго интервју минатата недела доктор Фаучи се изјасни против неодамнешната декларација од група научници што ја поддржуваат идејата САД да се откажат од обидот да се борат против вирусот со карантини и социјално дистанцирање и наместо тоа да го следат „имунитетот на стадото”.
Во, како што ја нарекуваат, Големата декларација на Барингтон, научниците велат дека САД „треба да им дозволат на оние кои имаат минимален ризик од смрт да го живеат својот живот нормално за да создадат имунитет на вирусот преку природна зараза, а во исто време подобро да се заштитат оние со најголем ризик.
Во гостување на Добро утро Америка, доктор Фаучи целосно го отфрли предлогот.
– Ако разговарате со некој што има искуство во епидемиологија и заразни болести, тие ќе ви кажат дека тоа е ризично и ќе завршите со уште многу заразени меѓу ранливите луѓе, што ќе доведе до хоспитализација и смрт, рече Фаучи и истакна дека предлогот е глупост.