Владата на Република Северна Македонија категорично ја оценува како невистина и ја отфрла шпекулацијата на пратеникот Антонио Милошоски за наводни предлози за дефиниција за идентитетската припадност на Гоце Делчев на кои би требало да се согласат премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.
-Таков предлог не постои, ниту бил предмет на дискусија, а изнесеното тврдење на пратеникот Милошоски е груба шпекулација и само нанесува штета на процесот што го води заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, нагласува Владата во одговор на прашањето на МИА да даде коментар за тврдењата кои Милошоски денеска ги изнесе преку статус на Фејсбук.
Според пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, кој се повикува на дипломатски извори од МНР, последниот предлог на официјална Софија е дека премиерите Заев и Борисов за време на предвидената средба на 11 ноември во Бугарија би требало да се согласат дека „Гоце Делчев е Македонец во регионална смисла на зборот, но во смисла на народно-етничката припадност е Бугарин роден во географската област Македонија”. Оваа дефиниција, според Милошоски би се применувала и на други историски личности, како Даме Груев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Панко Брашнаров, Киро Глигоров и други.
Од Владата за МИА нагласуваат дека сите дискусии поврзани со личности и настани од историјата се водат преку заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за образовни и историски прашања.
-Владата на Северна Македонија ја поддржува нејзината работа и ја поздравува заедничката одлука на членовите да имаат почести средби во иднина, се вели во одговорот на Владата до МИА.