Есенскиот бран на пандемијата се засилува, бројот на новоинфицирани расте и кај нас, како и во целиот свет, затоа неопходно е секој граѓанин да ги почитува постојните мерки за заштита – да носи заштитна маска, да држи дистанца и редовно да ги мие и дезинфицира рацете.
Владата предводена од СДСМ, прифати нови мерки предложени од Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат носење маски на отворено, забрана за групирање на повеќе од 4 лица на отворено, како и домашни посети на повеќе од четири лица во едно домаќинство.
Овие мерки веќе се во собраниска процедура и се очекува Собранието, во најкус рок да ги изгласа.
Доколку бројот на заразени расте, Комисијата за заразни болести денеска до Владата ќе предложи дополнителен пакет рестриктивни мерки, кои вклучуваат ограничување на капацитетот на луѓе во јавниот превоз до 50%, целосна забрана за секакви настани, и крај на работното време на сите економски оператори до 23 часот.
Борбата против коронавурусот е заедничка борба на сите граѓани. Сите мораме да бидеме дисциплинирани, совесни и одговорни во почитувањето на мерките.
Здравствените работници не можат сами. Во ова борба мора да се вклучиме сите со тоа што ќе ги почитуваме мерките без исклучок.
Се работи за вашето здравје, за здравјето на вашите семејства, пријатели, колеги, на вашите најблиски.