Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) објави повик за обука на новинари во рамките на проектот „Градење на отпорност против насилниот екстремизам и тероризам преку зајакнати новинари, медиуми и владини претставници”.
Трите работилници ќе се одржат преку интернет во ноември 2020 година, а термините за секоја од тридневните работилници дополнително ќе се потврдат.
Обуката ќе ја одржат проф.д-р. Никола Дујовски, кој има големо искуство и знаење на оваа тема и повеќе ќе се фокусира на ситуацијата во земјава за насилниот екстремизам и тероризам, како и за известувањето на новинарите како реакција на овие настани и проф.д-р. Дејан Миленковиќ од Србија, кој ќе зборува за состојбата со насилниот екстремизам и тероризам во Западен Балкан, Европа и во светот, анализирајќи ги најпознатите терористички напади и известувањето за нив.
Главната цел на обуката, како што посочуваат од ЗНМ, е да се постигне општо разбирање на новинарите за начинот како да се известува за случаите поврзани со насилен екстремизам и тероризам.
– Програмата е дизајнирана да им помогне на новинарите и другите медиумски професионалци да ја завршат својата работа со информирање на јавноста за овие специфични настани. Една од целите на работилниците, покрај градењето на капацитетите на новинарите за објективно известување за насилниот екстремизам и тероризам и користењето на соодветниот етички кодекс поврзан со известувањето за тероризам (користење на соодветниот говор, избегнување на злоупотреба на слики кои што ги нарушуваат правата на жртвите, итн.), се вели во повикот од ЗНМ.
Сево ова, како што посочуваат, ќе треба да придонесе кон одржливоста на оваа активност во иднина. Ова, според нив, ќе ги мотивира учесниците да го користат стекнатото знаење во пракса, а со тоа ќе придонесат кон ублажување на негативните ефекти при известувањето за насилен екстремизам и тероризам.
Овие тридневни работилници за обука преку Интернет се наменети за новинари кои имаат неколку годишно искуство, млади новинари и студенти по новинарство или други сродни области како што се општествените и политичките науки и за оние кои сакаат да се стекнат со нови и / или ги продлабочуваат своите знаења и вештини при известување за случаите поврзани со насилен екстремизам и тероризам.
ЗНМ во партнерство со Иницијатива за европска перспектива ИЕП и Институтот КОНИЦА го започнаа проектот „Градење на отпорност против насилниот екстремизам и тероризам преку зајакнати новинари, медиуми и владини претставници”. Проектот е финансиран од Хедаја (Hedayah, International Centre of Excellence for Countering Violent Extremism), Абу Даби во рамките на глобалната програма STRIVE програмирана од ЕУ.