За време на конференциски разговор со предизборниот тим американскиот претседател Доналд Трамп упати остри критики за експертот за заразни болести Ентони Фаучи, нарекувајќи го „катастрофа” и дека „луѓето се уморни од Ковид-19″. Тоа го јавија американски медиуми кои се повикуваат на изјави на новинари кои го слушале разговорот.
„Луѓето се уморни од коронавирусот”, рекол претседателот, според новинарите кои го слушнале разговорот. „Луѓето се уморија од слушање на Фаучи и сите тие идиоти”, продолжил Доналд Трамп.
Претседателот додаде дека Фаучи, кој го раководи Националниот институт за алергија и заразни болести од 1984 година, е „пријатен човек”, но тој е „тука 500 години”.
Шефот на државата исто така рече, но без да обезбеди докази, дека ќе имало 800.000 смртни случаи од коронавирус во САД, ако тој ги следел советите на Фаучи.
„Фаучи е катастрофа”, нагласил Трамп.
Во интервју за американска телевизија, експертот за инфективни болести коментира дека „воопшто не бил изненаден” што Трамп се заразил со коронавирус затоа што организирал масовни настани со минимални мерки за социјално растојание и носење маски неколку дена пред да се разболе.
Анкетите за јавното мислење покажуваат дека Американците повеќе му веруваат на експертот отколку на претседателот. Една студија од Њујорк Тајмс / Сиена колеџ во јуни покажа дека 67 проценти од Американците имаат доверба во Фаучи како извор на информации за пандемијата. Само 26 отсто го велат истото за Трамп.