Седници на четири собраниски комисии

Во Собранието денеска ќе се одржат седници на комисиите за надорешна политика, за одбрана и безбедност, за финансирање и буџет, како и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за надворешна политика се предлог законите за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Сојузна Република Германија за соработка во борбата против криминалот, на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Црна Гора за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во Република Северна Македонија и Црна Гора, на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за соработка во областа на борбата против криумчарење мигранти, како и на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за заедничко признавање на доверливи услуги кои се користат во Република Северна Македонија и Република Србија.

Членовите на Комисијата за финансирање и буџет ќе ја продолжат расправата по Предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, а Комисијата за одбрана и безбедност ќе ги разгледа Предлог – одлуката за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во мировната операција на Европската Унија „АЛТЕА”, во Босна и Херцеговина, како и Предлог-одлуката за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во меѓународната операција на Организацијата на Обединетите Нации „УНИФИЛ” во Република Либан.

На дневен ред на Законодавно-правната комисија се точките за кои ќе расправаат и комисиите за надворешна политика и за одбрана и безбедност.

Треба да знаете
Последни објави