Британската влада објави дека ќе го поддржи контроверзното тестирање на вакцината против коронавирус врз доброволци, кои намерно треба да бидат заразени со коронавирус.
Владата најави дека со 33,6 милиони фунти ќе учествува во заедничко истражување со Кралскиот колеџ во Лондон, компанијата hVIVO, која се занимава со лабораториски истражувања, и фондацијата „Ројал фри“ од Лондон.
„Ројтерс“ известува дека истражувањето треба да започне во јануари доколку биде одобрено од етичкиот комитет.
Поддржувачите на овој потфат велат дека ова е добар начин да се скрати вообичаено долгиот процес на правење ефективни вакцини, што мора да помине низ десетици илјади волонтери.
Во овој случај волонтерите се следат секојдневно и се вршат тестови за да се види дали имаат развиено отпорност на коронавирусот или сè уште се подложни на него.
Овој пат на волонтерите ќе им се даде вакцина во строго контролирани услови, а потоа намерно ќе бидат заразени со коронавирусот за еден месец.
Потоа, тие ќе бидат во изолација и внимателно ќе се следи нивната здравствена состојба со цел да се види дали ќе стекнат отпорност или ќе се разболат.
Критичарите велат дека е неетички намерно да се заразува некој со потенцијално смртоносно заболување во време кога нема лек.