Ако победи на претседателските избори во САД, Џо Бајден ќе биде силно посветен на консолидирање на мирот и стабилноста на Западен Балкан, преку зајакнување на сојузот со ЕУ и НАТО, објавија од изборниот тим на демократскиот кандидат за претседател на САД.
Составен дел од изборната програма на Бајден е и делот поврзан со приоритетите во надворешната политика, а исто така и Југоисточна Европа најде место меѓу нив. Посебно се истакнува најавата за ангажман на САД во БиХ, а оваа информација на неговиот фејсбук-профил ја сподели во вторникот Елвир Клемпиќ, по потекло од БиХ, кој е одговорен за односите со етничките заедници во САД во изборниот штаб на Бајден.
„Џо Бајден ќе ги обедини нашите партнери во рамките на ЕУ и НАТО за заеднички развој на стратегија за зајакнување на позицијата на Западен Балкан во евро-атлантските институции. Џо Бајден знае дека е време храброто и одлучно американско раководство да ги поттикне реформите и помирувањето, со цел повторно да се посветиме на нашата долго ветена цел за целосна, слободна и мирна Европа. Џо Бајден е посветен на тоа дека ќе биде засекогаш против омразата и ќе ги поддржи суверенитетот, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина“, се вели во програмата.