Бројот на починати граѓани на ЕУ во вториот квартал од оваа година е зголемен за 168.000 во споредба со истиот период во изминатите четири години, покажуваат податоците на Еуростат. Најголем дел од нив се починати на крајот од март и почетокот на април.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, во Еуростат забележуваат дека сите лица не се починати како резултат на пандемијата на коронавирус, но дека податоците може да се користат за проценка на директните и индиректните ефекти на пандемијата.
Најголем број од 36.000 дополнително починати лица е регистриран во 14-та недела од оваа година, што го опфаќа крајот на март и почетокот на април.
Од 19-та недела на почетокот на мај, бројот на смртни случаи неделно се зголемувал за околу 5.000.
Сепак, во 25-та недела (почетокот на втората половина на јуни), регистрирани се 2.200 смртни случаи помалку.
Најлошо било во Шпанија, каде починаа дополнителни 48.000 луѓе и во Италија, каде беа регистрирани 46.000 смртни случаи повеќе од претходно, по што следуваат Франција (30.000) и Германија и Холандија (по околу 10.000).
Во преостанатите 21 земја-членка на ЕУ во тој период регистрирано е вкупно зголемување од 25.000 смртни случаи.
Пандемијата ги погоди земјите и регионите на ЕУ на различни начини и со различен интензитет, а најтешко беа погодени регионите во централна Шпанија и северна Италија.
Најголем број на дополнителни смртни случаи во однос на бројот на жители е забележан во Бергамо, Италија, каде што во 12-та недела од оваа година е регистрирано зголемување од 895 отсто починати и Сеговија во Шпанија со 634 проценти повеќе смртни случаи во 13-та недела.
Истражувањето на Еуростат покажа дека мажите повеќе умирале во март и кон крајот на мај, а жените во април, додека најранливи биле граѓаните со над 70-годишна возраст, кои сочинуваат 98 отсто од дополнителните 168.000 смртни случаи во вториот квартал од оваа година.
Во претходните години, оваа група жители претставуваше 76 проценти од вкупниот број смртни случаи.