Гламурозниот имот на принцот Хари и Меган бил наведен како локација за видео и фотосесии, а цената на изнајмување била 700 долари на час, пишуваат британските таблоиди.
Откако војводата и војвотката од Сасекс се населија во Калифорнија, има многу шпекулации околу деталите на нивната палата во Монтечито. Иако фановите имаа кус увид во стилскиот имот во текот на неколку видеоповици на двојката, неодамна се појави најсеопфатен изглед на нивната семејна куќа благодарение на една понуда на веб-страница за изнајмување локација за настани.
„Мејл онлајн“ објави дека имотот во Монтечито бил наведен како достапен за 700 долари на час за видео и фотосесии на сајтот за изнајмување „Гигстер“. Се чини дека огласот е отстранет, а сега има линк на кој пишува: „Извинете, оваа локација не беше објавена“.
Понудата, наводно, била објавена пред двојката да го купи имотот од 14.7 милиони долари, но сепак весникот тврди дека сè уште била активна во петокот на 16 октомври.
Опишан како „Италијанска вила“, имотот беше достапен за изнајмување минимум 10 часа. Може да собере екипа од 15 луѓе и има приватен паркинг за 50 лица. Во понудата стоело дека на локацијата е забрането пушење, консумирање алкохол, миленичиња, готвење и снимање филмови за возрасни.
Куќата, наводно, е опремена со голема библиотека, канцеларија, спа-центар (со суви и влажни сауни), вежбалница, просторија за игри, аркада, театар, визба за вино и гаража за пет автомобили.
Се простира на 5.4 хектари земја со поглед на море, има огромни градини, тревници, рози, уметнички скроена жива ограда, чемпреси и маслинови дрвја, тениско игралиште, чајџилница, куќичка за деца и голем базен. Исто така има и дополнителна куќа за гости, со уште две спални соби и бањи.
Имотот можеби повеќе не е достапен за изнајмување, но без сомнение Хари и Меган ќе понудат уште многу ѕирнувања внатре, бидејќи тие продолжуваат да работат од дома за време на пандемијата, пишуваат таблоидите.