Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, својата работна посета на Хрватска ја започна со средба со Премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Османи упати благодарност до Пленковиќ за континуирана поддршка на Хрватска и исклучителниот ангажман за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската унија, под чија палка Советот на ЕУ постигна консензус и ја донесе одлуката за почеток на пристапните преговори со Република Северна Македонија и Република Албанија.
„Ние во пријателска Хрватска имаме искрен партнер, традиционален поддржувач на нашите аспирации за интегрирање во европското семејство. Особено го цениме фактот што Хрватска во сиот изминат период цврсто веруваше во Република Северна Македонија, како важна алка во создавањето и одржувањето на стабилноста во регионот”, нагласи Османи.
Премиерот Пленковиќ истакна дека Хрватска ќе продолжи со силната и одлучна поддршка за евроинтеграцијата на Северна Македонија, гласно ќе се залага во процесот на усогласување на преговарачката рамка и формалното започнување на пристапните преговори со одржувањето на првата Меѓувладина конференција, до крајот на оваа година.
Во текот на денот министерот Османи ќе оствари средба и со својот хрватски хомолог, Горан Грлиќ Радман, а во рамките на посетата, ќе оствари посета и нахрватскиот Сабор, каде ќе се сретне со претседателот на парламентарниот одбор за надворешна политика Гари Капели, претседателот на одборот за европски прашања ДомагојХајдуковиќ и пратеничката ЕрминаЛекајПрљаскај, која ги претставува македонското, албанското, црногорското, бошњачкото и словенечкото национално малцинство.
На маргините на посетата на Хрватска, Министерот Османи се очекува да има интервју за угледниот хрватски неделник „Национал”.