– Процентот на позитивни случаи од тестирани лица на Ковид-19 изнесува 20,3 проценти, најзастапена возрасна група меѓу позитивните случаи е на лица на возраст од 30 до 39 години – 20,9 отсто од заболените, а најголем дел од регистрираните лица се од Скопје, покажа извештајот на Институтот за јавно здравје кој се однесува на периодот од 12 до 18 октомври 2020 година.
– Тестирани се вкупно 13.213 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2. Регистрирани сe 2.676 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 19,3 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.375; 51,4%), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Гевгелија –228,3/100.000, информираа од ИЈЗ.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Од Институтот соопштија дека најзастапена е возрасната група на лица на возраст 30-39 (n=559, 20,9 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40-49 (n=522; 19,5 проценти), 20-29 (n=470; 17,6 отсто), над 60 (n=469; 17,5 проценти) и 50-59 (n=443; 16,6 отсто). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=79; 3,0 проценти) и 10-19 години (n=134; 5,0 проценти).
– Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=1.313; 49,1 отсто), регистрирани се 96 (7,3 проценти) хоспитализирани, а кај 305 (23,3 отсто) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 470 (35,9 проценти) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 26 (2,0 проценти) лица со историја на патување (во последни 14 дена), посочија од ИЈЗ.
Од Институтот информираа дека по добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 1.089 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 25 проценти повеќе во однос на минатата недела.
– Пријавени се 49 смртни случаи од 16 градови, зголемување од 58,1 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 38 лица биле над 60 години, девет лица на возраст од 50-59 години и два смртни случаи се пријавени од возрасната група 40-49 години. Коморбидитети се регистрирани кај 35 починати лица, наведоа од ИЈЗ.