Секоја човечка интервенција ги нарушува природните живеалишта на растителниот и животинскиот свет, но чистењето на талогот од речното корито на Црн Дрим нема да предизвика некои поголеми нарушувања на биодиверзитетот, но ќе го намали ризикот од поплави, сметаат експертите за животна средина.
Коритото на реката Црн Дрим во централнот градско подрачје во Струга деновиве наликува на градилиште со инсталиран автопат по течението, но тоа е дел од проектното решение за непречен проток на вода и пристап на механизацијата која го чисти талогот собиран со години.
Проектот се спроведува преку Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во сливот на реката Црн Дрим, УХМР, Водостопанство на Македонија, Електростопанство на Македонија и повеќе невладини организации.
Според проектниот менаџер Никола Здравески, оваа фаза опфаќа чистење на регулираното корито во должина од 765 метри, а очекуваат да се извади околи 14 000 кубни метри нанос.
– Во моментот се вадат големи количини седимент, кој нема никаков позитивен аспект за биодиверзитетот или живеалиштата. Пред актвиностите се направени сите потребни истражувања и набавени се сите документи, дозволи и мислење во однос на елаборатот за можно еколошко влијание на чистењето кој е позитивно издаден од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање, изјави Здравески за МИА.
Активностите, појасни, се реализираат со намалено ниво на водата и проток на водостојот.
– Се води сметка да има постојан проток на вода од езерото долж течението на реката Црн Дрим. И по чистењето да не се случи да остане коритото без вода. Коритото наликува како градилиште, како автопат. Проектното решение за да се влезе да се исчисти предвидува поставување пристапни рампи и подигање дел како пат за движење на механизацијата и да има проток на вода, додаде Здравески.
Според Емина Рустемоска од невладината ИСИОР, нема да има некои посериозни нарушувања на водниот свет во реката.
– Поголема штета може да има ако не се исчисти, отколку сега. Постепено се намалуваше водата, со што им се овозможи миграција на некои животни, како риби, жаби…, и нема да предизвика долгорочно негативно влијание. Проектот ќе влијае многу повеќе позитивно, отколку негативно, посочи Рустемоска.
Професорите од институтот за биологија на Природно математичкиот факултет во Скопје иако конкретно не се запознаени со проектот и неговата реализација посочуваат дека секое надворешно влијание може да доведе до нарушување на дел од биодиверзитетот.
За професорот по алгологија Златко Лефков, Црн Дрим е „заборавена река” во однос на истражувањето.
– Кога се прават такви реконструкции треба да се задржи некој биолошки минимум на водата за да може да опстојува живиот свет. Најлошо сценарио е да се запре целосно протокот на вода во реката, што се надевам нема да се случи, вели Лефков.
Сличен став дели и неговата колешка од Институтот за биологија, професорката Милица Ристова. Според неа, школски кажано, секоја човечка интервенција го нарушува природното живеалиште пред се на голем број помали организми, целосните растителни заедници кои постојат и се во природен баланс.
– Секој внес на седимент и талог го нарушува природното живеалиште. Тоа сигурно ќе влијае и на погорните делови од тој тропички систем и ќе предизвика целосно пореметување на биодиверзитетот, уништување на микроживеалиштата и на сите растителни заедници. Од друга страна пак тој нанос може да доведе до изливање на водата од речното корито и да предзвика големи штети, појасни Ристова
Чистењето на речното корито на Црн Дрим се прави првпат од неговата изградба. Во првата фаза се чистеше устието кај истекот од Охридското Езеро, а втората фаза го опфаќа течението во центарот до излезот кај Општата болница. Проектот е предвидено да продолжи и идната година со чистење на старото корито на реката Сатеска.