Актуелниот европски и германски фудбалски првак Баерн Минхен ќе има големи потешкотии да ги освои трофеите во сите натпреаврувања каде ќе настапува оваа година. Ова го изјави тренерот на тимот Ханси Флик пред натпреварот со Атлетико Мадрид во првото коло од групната фаза во Лигата на шампионите.
Баварците ги освоија сите можни трофеи во 2020 година и со својата игра натераа многу професионалци да помислат дека е можно да ги повторат нивните достигнувања. Сепак, Флик сфаќа дека тоа нема да биде лесно.
– Ние сакаме да постигнеме што поголем успех. Но, за да постигнеме оптимален резултат, како што направивме неодамна, ќе биде неверојатно тешко. Особено во Лигата на шампионите има страшно добри противници. Треба да размислуваме натпревар по натпревар и да се фокусираме само на натпреварот што ни претстои. затоа што ни претстои долг пат, рече Флик.
За време на преодниот рок, Баерн се раздели со Тијаго Алкантара, Иван Перишиќ и Филипе Кутињо, а во тимот беа вклучени Лерој Сане, Марк Рока и Даглас Коста.
– Овој тим е различен од оној од минатата сезона. Но, како и секој друг тим има свои предности и слабости. Во оваа фаза сум задоволен од нашиот настап. Имавме само една недела во која сите тренираа, но мислам дека сега имаме поголема длабочина во составот. Ќе биде многу важно да се избегнат сериозни повреди. Сите видовте што се случи со Вирџил ван Дајк од Ливерпул, изјави тренерот на Баерн.
Единствениот проблем на Флик за мечот со Атлетико е отсуството на Сане, кој е повреден. Сепак, во тимот се враќа разноврсниот Џошуа Кимих, кој не играше против Арминија за време на викендот поради раѓањето на второто дете.
– Ова е натпревар во кој шансите се изедначени. Атлетико е тим што исповеда идеи на нивниот тренер Диего Симеоне и игра со иста страст како него. Со нетрпение го очекувам овој натпревар, бидејќи Симеоне врши исклучителна работа со овој тим веќе девет години, заклучи Флик.
Натпреварот помеѓу Баерн и Атлетико се игра во среда во Минхен.