Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, за МИА потврди дека е во контакт со бугарската влада за да се најде решение за блокада на договорот за Фронтекс со Северна Македонија од страна на Софија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Северна Македонија не може да го финализира договорот за гранично управување со Европската Унија поради билатералниот спор со Бугарија. Европската Унија почна да ги склучува овие договори со земјите од западниот Балкан за да ги интегрира во граничното управување со цел спречување на „нерегуларна миграција”. Засега само Албанија го има финализирано, Црна Гора е на добар пат, а Северна Македонија би требало да го склучи штом се решат несогласувањата со Бугарија, според дипломатски извори за МИА.
Еврокомесарката Илва Јохансон потврди дека работи на случајот.
-Се надевам дека ќе го склучиме договорот за Фронтекс со Северна Македонија што е можно побрзо, го отворив ова прашање со премиерот на Бугарија за да можеме да напредуваме затоа што е многу важно, изјави Јохансон за МИА.
Еврокомесарката денеска брифираше неколку бриселски дописници во пресрет на министерскиот состанок помеѓу ЕУ и западен Балкан кој ќе се одржи во четврток преку видео конференција.
Ова е редовен годишен состанок помеѓу ЕУ и регионот, кој се смета за клучен за миграциските прашања, со оглед на важноста на балканската рута за барателите на азил.
Јохансон прв пат ќе учествува на оваа средба откако ја презема функцијата еврокомесарка за внатрешни работи.
Минатиот месец таа го презентираше новиот Пакт за азил и миграција на ЕУ со надеж да се надминат досегашните несогласувања помеѓу земјите членки на ЕУ за градење заедничка европска политика на азил и миграција.
Во овој контекст, вели Јохансон, соработката со земјите од западен Балкан е клучна не само поради тоа што се наоѓаат непосредно на надворешните граници на ЕУ туку и затоа што имаат перспектива на полноправно членство во заедницата.
На состанокот во четврток министрите за внатрешни работи ќе разговараат за менаџирање на миграцијата, договорите со Фронтекс за гранично управување, организираниот криминал и трговијата со луѓе.
За Европската Комисија спречувањето на криминалните мрежи на трговија со луѓе е едно од најважните прашања.
Запрашана дали Европската Комисија е запознаена со фактот дека некои од лицата кои „превезуваат” мигранти го прават тоа за мали пари и за опстанок, Јохансон порача дека е свесна дека некои од тие лица не се „крупните риби”, но дека борбата против трговија со луѓе преовладува.
-Дури и да се занимавате со криминални активности за преживување, тоа останува криминално, тоа не го исклучува фактот што се дел од големи мрежи, според извештајот на Европол многу луѓе работат за тие мрежи, можеби тие не се крупните риби, но се дел од нив, и дури ако не се свесни колкава е структурата, сметам дека треба борба против трговијата со луѓе дури и кога не се крупни риби, изјави Јохансон.
На средбата ќе се разговара исто така за „лажните” баратели на азил од самите земји од западен Балкан кои во ЕУ поднесуваат барања кои имаат речиси непостоечки шанси да бидат прифатени.
Јохансон за МИА изјави дека бројот на овие „неоправдани” барања за азил од западен Балкан не претставува веќе крупен проблем како што беше случај до пред неколку години и дека соработката со властите во регионот е добра.
-Го немам точниот број за секоја земја во овој момент, но наскоро ќе презентираме извештај кој ги разгледува состојбите по земја, мојот впечаток дека работите се добри, имаме добра соработка со земјите и не сме алармирани, рече еврокомесарката одговарајќи на новинарско прашање.