САД можат да го пренесат Вториот оклопен полк на копнената војска од Германија во друга европска земја поблизу до Русија, рекол шефот на Пентагон, Марк Еспер, кој додал дека за тоа се воделе преговори со Полска, Романија и Бугарија, како и со балтичките држави, пренесе Спутник.
„ По потпишувањето на договорот со Полска за соработка во областа на одбраната, моите неодамнешни средби со министрите од Романија и Бугарија, како и писмата добиени од балтичките држави, се појави можноста за пренесување на Вториот оклопен полк во некоја од тие земји“, рече Еспер, говорејќи на онлајн семинар во Атлантскиот совет во Вашингтон.
Според него, овие мерки се неопходни за Алијансата со цел да се „ограничи Русија“.
Американскиот министер за одбрана ги објави и плановите на САД да го зголемат бројот на ракети со среден и краток дострел во Европа и Азија. Според него, тоа е поврзано со зголемувањето на бројот на такви ракети во Русија и Кина, како последица на кршењето на Договорот за ликвидација на ракети од среден и краток дострел.
Администрацијата на американскиот претседател планира да повлече околу 9.500 војници од базите во Германија, вклучително и ловците Ф-16, што беше критикувано дури и од соборците на Трамп, сметајќи го за „подарок за Русија“ и закана за американската национална безбедност.
Во моментов, Американците имаат повеќе војници во Германија отколку во која било друга земја во светот, освен Јапонија – околу 35.000. Германската база Рамштајн е логистичка точка и за американските трупи во други бази, вклучувајќи го и Бондстил на Косово.