Министрите за одбрана од земјите-членки на НАТО денеска попладне почнаа дводневна видеоконференција, на која повторно ќе дискутираат за зајакнување на инвестициите во одбраната и вооружените сили.
– Денеска ќе разговараме за напредокот што го постигнуваат сојузниците во распределбата на товарот на одбраната, потоа како да ги зајакнеме нашите одбранбени способности и можностите за одвраќање и како да ја подобриме отпорноста на нашите општества, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на почетокот на состанокот.
Министрите, исто така, ќе разговараат за мисиите на НАТО во Авганистан и Ирак.
НАТО вчера ги објави најновите податоци за оваа година, според кои шеста година по ред, трошоците за одбрана растат во европските членки и Канада. Во 2014 година, сојузниците поставија цел за десет години, до 2024 година, да издвојуваат по два проценти од БДП за одбрана, од кои најмалку 20 проценти треба да бидат наменети за опрема и оружје.
Во моментов, десет членки ја исполнуваат целта од два проценти од БДП за одбрана, а од овие десет, осум од нив одвојуваат повеќе од 20 проценти од буџетот за одбрана за опрема.
Според податоците на НАТО, Северна Македонија засега издвојува 1,27 отсто од БДП. Што се однесува на земјите од регионот Албанија издвојува 1,47 отсто, Бугарија 1,93,Хрватска 1,87, Грција 2,58, Црна Гора 1,91, Словенија 1,20 и Турција 1,91 отсто од БДП.