Поранешниот разузнавач Едвард Сноуден доби отворена дозвола за престој во Русија, што значи дека неговиот престој повеќе не е ограничен.
Адвокатот Анатолиј Кучарнаје додаде дека засега Сноуден не размислува да поднесе барање за руско државјанство, пренесува агенцијата „Taсс“.
Дозволата за престој на Сноуден истече на 30 април, но поради пандемијата на коронавирусот, таа автоматски се продолжи до 15 јуни, а по завршувањето на карантинот, тој побара продолжување на истата.
Во 2013 година, Сноуден објави информации за методите за електронско набљудување што ги користеле американските разузнавачки служби, вклучително и нелегално прислушување разговори на странски лидери, по што тој побара азил во многу земји, вклучително и Русија, со цел да избегне прогон од страна на американските власти.
Една година подоцна доби дозвола за привремен престој во Русија и оттогаш е во таа земја.
Во САД, тој е обвинет за кршење на два члена од законот за шпионажа, а за секој може да добие по 10 години затвор.