На средбата со претседателот на Европски Парламент Сасоли, беше заеднички констатирано дека во годишниот извештај на Европската Комисија за Северна Македонија за 2020 година е нотирана добра испорака на земјата на нејзините обврски од ЕУ агендата и дека таа е подготвена да продолжи со напредокот во целиот спектар на поглавјата на правото на ЕУ, со фокус на владеењето на правото.
Премиерот Заев на средбата нагласи дека Владата е целосно посветена да ги реализира сите препораки од извештајот и дека патот на трансформацијата на земјата согласно европските стандарди е неповратен процес.
„Со натамошното преструктуирање на нашето општество и со детерминираната решеност, Северна Мекедонија е подготвена да стане следната успешна приказна на проширувањето на ЕУ, и во прифаќањето на заедничките европски вредности за демократска стабилност, за владеење на правото и за економски просперитет”, истакна премиерот Заев на онлајн средбата со претседателот на Европскиот Парламент Сасоли.
Во таа насока сите соговорници на средбата со Сасоли, премиерот Заев и заменик-претседателот на владата за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, нагласија дека е од исклучителна важност утврдувањето на Рамката за преговори на почетокот на ноември, по што ќе следува првата меѓувладина конференција меѓу Северна Македонија и ЕУ со што ќе се означи почетокот на преговорите по поглавја за членство на земјата во ЕУ.
Во однос на одржувањето на добрососедските односи, беше речено на средбата, Северна Македонија со добра волја и низ дијалог има намера да ги спроведе сите обврски утврдени во Договорот од Преспа со Грција и во Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.
Претседателот на Европскиот Парламент Давид Сасоли од своја страна подвлече дека се охрабрувачки пораките што доаѓаат од Северна Македонија во Брисел дека земјата е подготвена со добра волја и низ дијалог да ги затвори сите прашања до затворањето на преговарачката рамка и до одржувањето на првата меѓувладина конференција.
Во таа насока, Сасоли потенцираше дека Европскиот Парламент е посветен целосно на пристапниот процес за целиот Западен Балкан, и го оцени вклучувањето на земјите од регионот како историски исчекор за консолидацијата на ЕУ.