Ејми Кони Барет најверојатно ќе стане новиот доживотен член на Врховниот суд на САД. Таа денеска беше поддржана од Комитетот за правда на Сенатот на САД.
Барет ја поддржаа сите 12 републиканци, членови на комитетот, демократите пак, кои бројат десет членови, го бојкотираат процесот и бараат номинација на нов член на Врховниот суд после претседателските избори. Следниот чекор е утврдување на номинацијата со гласање во Сенатот, каде мнозинство се републикацните.
Чак Шумер, лидер на демократите во Сенатот, објавувајќи за бојкотот изјави дека „процесот е фарса од самиот почеток”, и истакна дека „со своето учество демократите нема да даваат легитимитет на процесот”.
Шумер потсети на сличниот случај кога во 2016 година во Врховниот суд се отвори место за судија. Тогаш, поранешниот претседател Барак Обама го номинираше Мерик Гарленд за таа функција, но републиканците го блокираа процесот со изговор дека избирачите треба да одлучат за тоа кој треба да биде врховен судија.
-Кога на осум месеци пред изборите беше номиниран Мерик Гарленд, ние требаше да ги чекаме изборите. Сега, кога изборите веќе се случуваат, ние брзаме со процесот на номинација. Ова е еден од најлошите моменти во историјата на Сенатот, изјави Шумер.
Коментирајќи го бојкотот на демократите, раководителот на комитетот, Линдзи Грем, изјави дека „нема да дозволиме да раководат со комитетот”.
Пред гласањето, Грем изјави дека „настапил историски момент за конзервативците”.
Во случај на утврдување на номинацијата, Републиканската партија ќе добие неприкосновено мнозинство во Врховниот суд, каде конзервативците ќе имаат шест претставници наспроти тројца демократи.