Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, преку видео – конференциска врска денеска учествуваше на првиот работен ден на состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО, на ниво министри за одбрана.
Шекеринска на состанокот се заблагодари за помошта од НАТО во вредност од 1,4 милиони евра за 60 респиратори и дополнителна медицинска опрема, потег кој потврдува дека солидарноста и подготвеноста да се помогне на секој сојузник е најголемата вредност во Алијансата.
Предизвиците бараат сериозен одговор и затоа се важни инвестициите во одбраната и споделувањето на финансискиот товар за колективната безбедност – беше речено на состанокот, на кој беше поздравен напредокот на најголемиот број земји членки на НАТО до достигнување на проектираното одвојување на 2 проценти од БДП за одбраната. Северна Македонија останува посветена на определбата за континуирано зголемување на одбранбениот буџет и достигнување на 2% од БДП во 2024, како и одвојување на 20% од буџетот за опремување и модернизација во 2021 година.
Една од главните теми на состанокот беше и зголемувањето на отпорноста на општествата, при што министрите за одбрана на НАТО земјите членки усвоија препораки за градење на капацитети и за унапредување на цивилно-воената соработка. Современите предизвици ги надминуваат рамките на одбраната и армијата и бараат координиран пристап и заеднички одговор на целото општество, заклучија министрите на денешната сесија на Северноатлантскиот совет.
Министрите за одбрана донесоа одлука за изградба на вселенски центар во југозападна Германија, односно во базата Рамштајн, при што беше потенцирано дека целта на НАТО не е да се милитаризира вселената, туку да се подигне свесноста на НАТО за предизвиците и подготвеноста за справување со нив.
Состанокот на ниво министри за одбрана продолжува и утре, кога главни теми за дискусија ќе бидат мировните мисии и операции, со фокус на Авганистан, Ирак и Косово, како и имплементацијата на планот на Алијансата за резолуцијата на ООН 1325, Жени, мир и безбедност.