Вчера, на 21.10.2020 година (среда) се одржа изборното Собрание на Асоцијација на Архитекти на Македонија (ААМ), на кое беше избрано ново раководство. Согласно мерките пропишани од надлежните Институции и Органи на Република Северна Македонија, за одржување на ваков тип настани во време на Ковид-19, Собранието се одржа на отворен простор, во дворот на Архитектонски факултет – Скопје.
За нов Претседател на Управниот Одбор на ААМ беше избран проф. д-р Мишко Ралев, Архитект и актуелен Декан на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.
За Претседател на Собранието на ААМ беше избрана Искра Јанковска Михајловска, Архитект од Скопје.
За Членови на Управниот Одбор на AAM се избрани архитектите: Александар Радевски, Иван Арсовски, Бесиан Мехмети, Јана Гугулоска-Ѓорѓевиќ, Марта Илиевска и Мартин Деловски.
Досегашниот Претседател на У.О., Архитект Мартин Пановски се заблагодари за довербата од членството и потенцираше дека “со голема чест и задоволство ја предавам функцијата на новиот Претседател, со верба дека и натаму Асоцијацијата ќе биде двигател и промотор на архитектонските вредности во нашата држава“.
“Асоцијацијата на архитекти е здружение кое има суштинско значење, во секоја смисла на зборот и во својот домен на работа е директно поврзано со архитектурата и делата на архитектите. Оттука, како што всушност архитектурата меѓу другото значи и поврзување, релација со луѓето и општеството, ќе ни биде од суштинско значење во континуитетот со менаџирањето со ААМ. Или, отворени за јавноста за сè она што значи исполнување на простор во архитектонска смисла е премисата по која ќе одиме напред.
Имаме старо нов Управен одбор, од кој очекувам да продолжи интензивно и посветено да работи на унапредување на контактите и врските со јавноста, со политичкиот естаблишмент, со локалната самоуправа и со надлежните Институции во правец на отвореност за дебата, конструктивност и критики кои се неопходни во донесувањето точни одлуки кои се однесуваат на исполнување на просторот.“, истакна проф. д-р Мишко Ралев, новиот Претседател на У.О. на ААМ.