Целосно е преуреден јавниот простор долж улицата „Новопроектирана“, во населбата Карпош 3. Станува збор за сообраќајницата која граничи со „Бледски договор“ и булеварот „8 Септември“. Засадена е нова тревна површина, нови дрвја и украсни растенија, а поставен е и систем за наводнување.
На овој начин, дополнително е зголемена зелената површина во еден од пофреквентните делови од Карпош. На овој потег, лоцирани се повеќе здравствени установи и бројот на возила и граѓани кои минуваат е голем.
Уредувањето на овој потег е донација од ПЗУ Клиничка болница „Жан Митрев“ Скопје, а службите на установата преземаа обврска и за тековно одржување на просторот.
Општина Карпош ја користи оваа пригода да се заблагодари на оваа приватна здравствена установа за покажаната општествена одговорност, но и да ги повика другите компании и субјекти да покажат грижа за заедницата.
Локалната самоуправа изминатиов период постојано вложува во раззеленување на јавниот простор, а особено се надоместува изгубеното зеленило во урбаното јадро.
Направени се повеќе маалски паркови на следниве локации: во Карпош 1, на улицата „Иван Аговски“, Карпош 2 спроти Драмски театар, Карпош 3 во ООУ „Лазо Трпоски“. Исто така, меѓу повеќе згради се поставија и системи за наводнување: кај „воените“ кули во Долно Нерези, на ул. „Женевска“ во Тафталиџе 2, долж „Московска“ во Тафталиџе 1, како и во Карпош 3, во средишниот дел на ТЦ „Лептокарија“.