Сите оние кои имаат лесни симптоми да бидат дома, изолирани со симптоматска и витаминска терапија. Да им помогнеме на оние кои навистина имаат потреба од хоспитализација. Ова го порача директорката на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, Милена Стевановиќ, која вчера информираше за хоспитализацијата на пациенти во модуларната болница во непосредна близина на клиниката.
Во однос на кадарот кој работи во модуларната болница, Стевановиќ изјави дека постои систем на мобилизирање на медицински персонал, како среден медицински персонал, така и лекарски и специјалистички.
„Во моментот на испомош се дојдени колеги од интернистичките гранки и тоа е практично една екипа, еден тим кој работи и во клиничката зграда и во модуларната болница. Тоа е всушност една институција сега“, рече таа.
Модуларната болница има капацитет од 70 кревети и истата е целсоно опремена за третман на пациентите со ковид-19.
Стевановиќ изјави дека заради динамиката на приеми и исписи не може да се даде предвидување како ќе се полнат болничките капацитети, но она што може да се предвиди и на што апелираат е придржувањето кон мерките како единствен начин за лична заштита и превенција од ширење на вирусот.
„Истите мерки важат насекаде во светот, многу едноставни и лесни за придржување. Само треба дисциплина, а таа сега ни е исклучително потребна. Држете дистанца, избегнувајте групирања, носете маска, “, потенцираше д-р Стевановиќ.
Таа вели дека здравствените работници мора да ја издржат оваа битка.
„Едноставно мораме да издржиме, заради нас, заради вас, заради нашите и вашите семејства. Граѓаните мора да ни помогнат“, потенцираше директорката на Инфективната клиника и апелираше до медиумите да испрата порака до јавноста за почитување на мерките.
Дополнително, таа апелираше и до инфицираните со ковид-19 во целост да ги следат препораките на стручните лица, матичните лекари.