Хрватска, Словенија и Бугарија во последните 24 часа имаат рекорден број новозаразени од Ковид-19.
Во Хрватска во последните 24 часа се регистрирани 1.563 новозаразени со коронавирус и 13 смртни случаи, што е најголем број од почетокот на епидемијата.
Во моментов има вкупно 7.380 активни случаи, од кои 661 пациент е во болница.
Од 25 февруари во Хрватска се евидентирани вкупно 29.850 лица заразени со новиот вирус, од кои 406 починаа, а вкупно 22.064 лица се излекувани.
Во моментов има 25.620 лица во самоизолација.
До денеска се тестирани вкупно 418.821 лице, од кои 6.874 во последните 24 часа, соопшти Националниот штаб за цивилна заштита.
Во исто време, Словенија, со 1.663 новозаразени, забележа нов дневен рекорд.
Рекорд повторно е регистриран и во Бугарија, каде во последните 24 часа се евидентирани нови 1.472 случаи на Ковид-19.
Како што е објавено на официјална страница за следење на епидемијата, тестирани се 8.738 лица, што значи дека процентот на заразени е 16,8 отсто.
Вкупно 33.335 лица беа заразени во Бугарија, од кои 1.048 починаа.
Во Бугарија моментално има 14.689 активни случаи, од кои 1.732 се на болничко лекување.