Обраќањето за најважните поенти од овие средби, на кои учествуваа заменик претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ви го пренесуваме во целост:
Почитувани граѓани на Република Северна Македонија,
Почитувани претставници на медиумите,
Денеска, јас, заменик претседателот на Владата за европски прашања, Никола Димитров и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во текот на целиот ден имавме онлајн состаноци со највисоките претставници на институциите на Европската Унија. Наместо во Брисел, како што беше планирано, заради ситуацијата со КОВИД-19, веднаш ги договоривме планираните средби да се остварат преку интернет и денеска имавме состаноци со претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел, со високиот претставник и потпретседател на Европската Комисија Жосеп Борел, со еврокомесарот за добрососедство и проширување Оливер Вархеји, и со претседателот на Европски парламент Давид Сасоли.
Овие онлајн средби беа добра можност на сите највисоки претставници на ЕУ да им се заблагодариме за Извештајот на Европската Комисија за нашата земја, како и за Планот за економски инвестиции. Оваа решителна подготвеност ја истакнавме како исклучително значајна во околностите во кои се наоѓа цела Европа и светот заради КОВИД-19, што само потврдува дека ЕУ е силно определена ништо да не го попречи процесот на проширување.
Во разговорите со сите наши соговорници, изразивме надеж дека оваа подготвеност за Северна Македонија ќе се формализира и со усвојување на Рамката за преговори на почетокот на идниот месец, по што ќе следува и првата меѓувладина конференција до крајот на годината.
Заклучивме дека е вложено многу. Од двете страни. Остварено е исто така многу и ние сме подготвени со преговорите по поглавја целосно и безусловно да ја исполниме нашата ЕУ агенда.
Нема да дозволиме причини за нови одлагања затоа што остварувањето на нашата следна стратешка цел – членството во ЕУ, е наша свечена обврска во име на иднината на државата и граѓаните.
Нашата земја останува посветена на негување на добрососедските односи со континуирана имплементација на Договорот од Преспа и на Договор за добрососедство и пријателство со Бугарија кои донесоа нова енергија и придонесоа за обновување на интензитетот за проширување на ЕУ со земјите од регионот.
На нашите европски пријатели им пренесов дека со Република Бугарија имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство и да ги почитуваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности.
Го оценивме како особено значајно признанието во извештајот на Европската Комисија за постигнатиот напредок во спроведувањето на реформите, особено во клучните области на судските реформи и борбата против корупцијата.
Извештајот за Северна Македонија е објективна и сеопфатна проценка на вкупното ниво на усогласување на националното законодавство со правото на ЕУ. Укажувањето на областите за кои е потребно дополнително подобрување, за Владата се силен мотив препораките да се преточат во во нашата агенда за континуитет на реформите.
Посебно внимание на овие онлајн средби посветивме на исклучително важниот Економски и Инвестициски План за Западен Балкан.
Поддршката од 9 милијарди евра за економска конвергенција на Западен Балкан со Европската Унија, испрати силна порака за поддршка на европската перспектива на регионот и за комплементарноста на реформските процеси со забрзаниот економски развој.
Благодарни сме што многу важни проекти за нашата земја ќе бидат подржани и одобрени за финансирање со планот.
Секако, цврстата заедничка поврзаност на ЕУ со Република Северна Македонија се потврди и во поддршката на земјата во заедничкиот одговор за справување со последиците од КОВИД-19 и придонесе за зацврстување на врските со ЕУ.
И покрај здравствено-економската криза Владата што ја предводам останува фкусирана на создавањето услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование и стабилно општество и внатрешна кохезија.
На нашите соговорници им порачавме дека нашиот пат кон ЕУ нема алтернатива, и дека очекуваме многу скоро да ги направиме првите следни чекори со секое отворено поглавје, за европски квалитет на живеењето на сите наши граѓани.
Сите наши соговорници денеска, нашите пријатели, највисоки претставници на институциите на ЕУ, искажаа силна поддршка за нашата посветеност во остварувањето европските стандарди во сите области.
Тие очекуваат дека во претстојниот период ќе се завршат сите подготовки и усогласувања за да се одржи првата Меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на затворањето на поглавјата за нашето членство во ЕУ, како прв чекор за градење на нашата заедничка иднина.