Денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски заедно со државната секретарка, Магдалена Несторовска остварија работна посета на Општина Маврово-Ростуше каде со градоначалникот на општината, Медат Куртовски разговараа за безбедносната состојба во општината и овој регион како и за посветеноста на локалните власти во изградба и реконструкција на повеќе објекти од битно значење за граѓаните.
,,И во најтешките моменти на кризата со пандемијата Ковид -19 , продолжуваме целосно да ги реализираме важните инвестиции, да инвестираме во суштинските области и во државните капацитети кои ќе генерираат напредок и прогрес“, истакна министерот Спасовски на средбата со градоначалникот на Општина Маврово-Ростуше, Медат Куртовски. Во оваа прилика градоначалникот Медат Куртовски изрази благодарност за денешната работна посета на министерот Спасовски и искажа задоволство од соработката со безбедносните служби и во овој исклучително тежок период за сите нас соочени со кризата со пандемијата со Ковид- 19.
Спасовски и Несторовска направија обиколка во близина на полициското одделение во Ростуше каде во тек се интензивни градежни активности . Во поглед на безбедносната состојба на овој регион нарушувањата на јавниот ред и мир споредено со истиот период минатата година заради Ковид -19 пандемијата се значително намалени , но полициското одделение и во овие специфични услови на пандемија се карактеризира со добра покриеност на регионот со патролни служби и редовни активности на полициските службеници. Така во поглед на стапката на криминалитет за изминативе девет месеци од 01.01.2020 до 30.09.2020 од 35 кривични дела кои се гонат по службена и приватна тужба расчистени се 20 или процентуално 75%. „Наш врвен приоритет и во иднина останува да вложуваме во условите за работа, во техника и опрема бидејќи само со подобри услови за работа полицијата ќе може да испорачува врвна безбедност, што директно влијае на унапредување на квалитетот на животот на сите граѓани“, рече министерот Спасовски