За само 10 дена, бројот на нови случаи на заразени со новиот коронавирус во Европа се зголеми двојно. За првпат на континентот вчера беа евидентирани 200.000 заразени за еден ден.
Покрај во Бугарија, рекорден број се пријавени во Франција, Италија, Австрија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина. Како регион, Европа веќе регистрира повеќе нови случаи отколку трите најтешко погодени држави – САД, Бразил и Индија заедно. Во Шпанија според министерот за здравство Салвадор Илја, епидемијата сега е „надвор од контрола” во многу области. Властите анализираа дали, како и Франција и други европски земји, да воведе полициски час, но таа одлука беше одложена.
Во Франција 41.622 лица се заразени со Ковид-19 во изминатите 24 часа, што е за 15.000 повеќе од претходниот ден, соопшти синоќа Институтот за јавно здравство. Францускиот премиер Жан Кастекс изјави дека полицискиот час ќе се прошири на уште 38 региони од денеска и ќе опфати вкупно 46 милиони луѓе или две третини од населението. Кастекс предупреди дека предвидува построги мерки доколку епидемијата на коронавирусот не биде под контрола.
-Вирусот се шири побрзо отколку кога првпат се појави на почетокот на годината, изјави денеска францускиот научен советник Арно Фонтанет. Тој процени дека вирусот циркулира многу побрзо, како и дека започнала нова епидемија во август. Според него,борбата против вирусот ќе биде маратон.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис објави воведување полицискиот час од 00:30 до 05:00 часот наутро во регионите најсилно погодени од новиот коронавирус како и носење маски на отворено. Во телевизиско обраќање Мицотакис нагласи дека ќе се воведе ноќен полициски час во областите што припаѓаат на нивоата три и четири со ризик како што се Атина, Солун, Јанина, Закинтос и други жаришта.
Германија забрани патување во неколку популарни скијачки центри во Австрија и Италија.
Холандија објави дека ќе носи пациенти во Германија затоа што здравтвениот систем не може да ги преземе сите на кои им е потребна помош.
Украина денеска повторно регистрираше рекорден број на нови случаи на коронавирус – 7.517, речиси 500 повеќе од вчера. Вкупниот број на заразени се искачи на 330.396. Во изминатите 24 часа има 121 смртен случај.