Добар ден Македонијо, нека ни е честит и вековит денот и да го славиме уште многу, многу лета.
Ви благодарам што одвоивте од вашето време и денеска сте овде со нас.
ВМРО е жива!!!
ВМРО е пркост, пиреј, аманет, обврска, должност, почитување.
ВМРО е нашата сила, но и нашата слабост.
ВМРО се Илинденците, Партизаните, Асномците. ВМРО е и потта на земјоделците, крикот на младите, волјата на спортистите, надежта во обединета Европа. Љубовта кон земјата од уставобранителите. ВМРО е и чекањето за подобра иднина, но немирот за слобода, правда и човечко достоинство.
Ако ВМРО е нашата икона во која веруваме, тогаш Македонија храмот, домот на таа икона.
И се додека ВМРО е пламенот, Македонија е тука. Македонија е жива!
Почитувани браќа и сестри,
Македонци и граѓани на Македонија,
Денес во едни тешки услови за нашата татковина се собравме да го одбележиме 23 октомври, денот на Македонската револуционерна борба, денот кога е формирана Македонската Револуционерна Организација, она што прерасна во 4-те свети букви – ВМРО. Оваа година се навршуваат 127 години од нејзиното формирање и 30 години од формирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
А ВМРО и тогаш и денес постои за Македонија. 6-те апостоли која формираа оваа организација, потоа која што прерасна во движење кое изроди многу херои на револуционерното дело, за жал не дочекаа да видат самостојна македонска држава, но нивните потомци партизаните чии одреди ги носеа имињата на комитите и војводите илинденците дочекаа да. Тие дочекаа да имат своја самостојна независна македонска држава. И оттука можеме да кажеме дека и основачите успеа зошто тие беа искрата која го запали огнот кој подоцна стана пламен и крик за своја самостојна македонска држава.
ВМРО е создадено за создавање на држава, каде има слобода и правда. Денес имаме држава, но немаме ниту слобода, ниту правда. Немаме затоа што со државата владее политичка мафија. Ако Груев, Татарчев, Поп Арсов, Хаџиниколов, Батанџиев, Димитров беа моралната тврдина околу која се ѕидаше македонската борба за слобода, за жал денешната власт е клинот со кој тула по тула се разѕидува таа тврдина составена од скапо платени тули на крв, страдања, одрекувања и човечки судбини.
И не попусто се обраќам во близина на споменикот на основачите на ВМРО и не залудно нивното лице е свртено кон македонското собрание како потсетник затоа што ова собрание постои, постои и затоа тоа треба да постои исклучиво за интересите и волјата на македонските граѓани, а пратениците внатре да бидат слуги на тие што ги бираат, тоа се македонските граѓани.
Но, дали дел од тие пратеници внатре кои што слугуваат на оваа политичка мафија заслужуваат глас од македонските граѓани. Мојот одговор а и убеден сум дека мнозинството на македонски граѓани ќе се сложат со мене, дека најмалку не го заслужуваат тој глас.
Имаме работа со влада за која магарињата вредат повеќе од човечките животи. Оваа магарешка влада на Заев е најнеуспешната во овие 29 години независност. Ако мислевме дека транзицијата беше нашиот најтемниот период, Заев со неговото работење не разубеди дека и од лошото има и полошо. И да не се чудиме. Иако сакаат да ја локализираат одговорноста во само еден човек Лидија Димова, можам искрено и од срце да ви кажам дека не е таа причината за лошото раководење на институциите. Таа е последица и добар пример за лоша работа, за тоа како се краде народот, а богами и Европските пријатели.
Ваквите магарешки работи на Заев се само неморалната вертикала во македонската политика каде се срушени сите граници за политичкиот морал.
Власта е во фаза на пред византиска пропаст. Каде опиени од власт, од многу пари, беззаконие и политички блуд добиваат лажна сила, и надменост иако внатре се е труло и фиктивно, како што е фиктивен оној бројчаник кој Заев го ветуваше на Триумфалната порта, а никогаш не проработе. Сеачи на магла се тие. 4 години убедуваат дека само што не ни тргнало, а станало од ден на ден се полошо и полошо. Ниту еден проблем не решија, ниту едно прашање достоинствено не затворија.
И во таква една ситуација најдоброто што знаат да го изустат, е дека Мицкоски немал став за ниту едно прашање со надеж да ги свртат погледите кон нас за да не се види нивната политичка бедотија и неспособност. Епа еве да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ нема прашање за кое немаме јасен и прецизен став, исто како што Заев и неговата магарешка влада немаат решение за ниту еден проблем кој што е секојдневие на народот во Македонија.
Го уништија и засрамија македонско национално чувство. Нема ниту ЕУ а нели Заев велеше дека ги отворил портите за ЕУ.
Може да отворат порти, ама зад тие порти се наоѓа длабока провалија. Свитканата кичма не донесе леб за сиромашните, ниту иднина за гладните. Донесе чемер и јад.
Си игра со нашата историја. Работата дојде до таму што од другава страна ќе праќале полк да ги руши спомениците на хероите во Скопје. И за тоа нема реакција. Народот ќе каже по улица онака разговорно, нашле село без кучиња.
Проблемот е во нашиве првенци на власт што молчат на таквите провокации, и не затоа што се мудри, туку затоа што знаат само да калкулираат. Ним парите им се важни.
Еден бугарски политичар ми вели ние го бараме само она што Заев ни го вети, не знам вели како може така на дневна основа да ги менува само мислењата. Му велам не знам што ти ветил, ама знам дека често ветува, а уште почесто не си ги одржува ветувањата. Тебе ти е му велам прво искуство со него, ама на народот во Македонија секој ден му е исто. И не пробувај да разговараш со Пендаровски, затоа што Стево мисли исто како што мисли и Заев, најпрвин ќе рече дека Гоце Делчев бил бугарин, па потоа пред предвремените парламентарни избори ќе рече дека не е така, денеска кој знае што може да каже.
Почитувани пријатели ја користам оваа прилика да испратам неколку важни пораки, да остане запишано, да не биде некажано.
Бараа став, еве го ставот. Македонија мора да отпочне преговори со Европската Унија час поскоро, мора да се случи час поскоро да се случи таа меѓувладина конференција Тоа е нашата единствена иднина. А ВМРО беше создадено како резултат на прозападните убедувања, затоа што кога многумина во Европа збореа за монархии, царства, ВМРО се бореше и крв лееше за сопствена република на Балканот.Македонија даде илјадници жртви во борбата против фашизмот, борбата против крвавиот дел од комунизмот во овие безмалку 30 години независност Македонија е браникот со кој се брани Европа. Да не ја заборавиме улогата за стабилизација на Балканот при распадот на Југославија, бегалската криза во 99-та, кога некои земји ги затвораа своите граници, Македонија ширум ги отвори и беше добар домаќин на 100.000 бегалци како резултат на таа криза. Придонесот кој го дадовме за зачувување на мирот и мудроста во 2001-та. Но и постојаното учество на земјава, на нашите македонски војници во мировните мисии ширум светот каде се бориме против заедничките глобални закани како што е тероризмот и радикалните елементи. Воедно Македонија е и браникот преку кој се бранеше Европа од мигрантските налети што сеуште се закана. Сакам да кажам, да повторам дека Македонија дава премногу за Европа, нашиот народ и земја секогаш се прозападни, вистинско време е Европа сега и веднаш да му врати на овој народ безусловување, европска иднина, Европа е таа што го има во своите раце иднината на овој народ и иднината на оваа држава. Независно од политичката импотентност на Заев и неспособноста вистински да се препознае стратешкиот моментум, Европската Унија, без условување треба да отпочне веднаш преговори со Македонија, веднаш и тоа да се случи час поскоро. Тоа е единствениот начин да се има цел, а тоа е да се движи земјата напред.
Втората работа што сакам да ја порачам е онаа до соседи, до нашиот источен сосед Република Бугарија. Убеден сум дека и вам не ви се потребни асимилирани и понижени соседи, без оглед што државава ја има таа несреќа премиер после украдени талибански, мафијашки избори да биде Зоран Заев. Тој лесно го прифаќаа ова и ветува се. Но и вие знаете дека едно се ветувањата од него, а сосема друго реализацијата на тие ветувања што му е најслабата страна. Со мафијашка структура не може да се договорите и да мислите дека ќе одите напред, туку само ќе се продлабочуваат проблемите.
И сосема на крај третиот мој денешен јасен, концизен и прецизен став.
Доколку навистина биде прифатено од страна на оваа политичка мафија предводена од Зоран Заев дека Гоце Делчев во регионална смисла бил Македонец бидејќи бил роден на географската територија Македонија, а по националност бил бугарин, нашиот мајчин македонски јазик е лингвистичка форма на бугарскиот тоа ќе значи целосно асимилирање на македонската нација, удар во темелите на македонската нација и современата македонската држава и дополнително понижување. И одма да кажам дека ако оваа мафија на чело со Заев донесе таква одлука следната влада на ВМРО-ДПМНЕ, истата таа одлука веднаш ќе ја поништи и никогаш понатаму нема да ја почитува. Нека остане кажано и запишано, да не биде потоа не сме кажале и не сме предупредиле.
Почитувани пријатели,
Навистина постојат многу предизвици на модерното време. Земји се среќаваат со природни катастрофи, земјотреси, болести и зарази. Светот се соочува со КОВИД-19 пандемијата и на тоа не смееме да делуваме отсутни од реалноста, но во Македонија освен ова пандемија ни се случи Зоран Заев што би се рекло катастрофа на квадрат.
Бројките кажуваат дека 9 месеци откако се појави оваа пандемија во земјата владата буквално не научи ниту една лекција, не презема ниту една реална и навремена мерка. Се фрлија на поткуп и картички додека неспособноста катадневно се плаќа со човечки животи. Бројката од 2000 заболени која ја прогнозираат на почетокот дека ќе биде вкупна бројка на заразени со која ќе помине земјава, ни се случува за помалку од една недела. Додека светот работи на вакцина Заев и политичката мафија работат на носење на закон без да има мерки за граѓаните, туку регулира надлежности и политики. И сега има разлика го нема веќе ниту Наќе или Гордана да бидат виновни, затоа што Спасовски нели молчи пред дискотеките блиски до власта во Скопје и Струмица, па одново и одново смислуваат смешни изговори за сопствената неспособност. Главното прашање е зошто има огромна смртност меѓу заразените со Ковид вирусот, одговорот е затоа што немаме луѓе кои што навремено ќе донесат вистински мерки. Затоа што овие во Владата се удрија на тендери и грабеж, затоа што имаме над 800 починати од зараза, но и најмалку дупло од ова кои умираат поради тоа што здравствениот систем е управуван од овие политички, мафијашки е блокиран и не добиваат навремена здравствена заштита. Затоа што луѓето побрзо ќе фатат корона отколку да добијат упат за преглед во државната болница.
И затоа наместо Заев да води магарешки инает нам ни треба државничка подготвеност, отворено да дискутираме за работите важни за земјата и за нашите граѓани. Токму затоа побарав лидерска средба на која ќе разговараме за прашањата поврзани со националната катастрофа поврзана со Ковид кризата, но и политичката и економската криза која доаѓа паралелно со Ковид кризата. Овде не е во прашање дали јас или Заев сме во право туку колку животи на наши сограѓани можеме да спасиме, колку луѓе утре ќе бидат со своите најмили, со семејствата. Овде завршува политиката и почнува дораснатоста за зрели одлуки. Во таа смисла имајќи во предвид катастрофата со која се соочуваме треба да се искористат сите расположливи потенцијали на најдобрите умови во земјата да се направи соединување на најдоброто во сите области и да се спасуваат човечки животи, да се носат брзи одлуки кои ќе спасуваат животи но и судбини на луѓе.
Ако на пролет кога беше првиот бран од оваа катастрофа велеа дека блескаме и дека работата ја имаат под контрола мислејќи дека во текот на летото интензитетот ќе се намали и тие ќе бидат хероите сега драги пријатели се движиме кон многу потежок период од есента доаѓа зимата а ние за жал поради овие калкулантски политики на оваа политичка мафија ќе ја пречекаме оваа зима неподготвени. А тоа денеска чини човечки животи. Неспособноста нивна не е политичка придобивка за опозицијата туку уште еден човечки живот помалку на трпезата на ручек, вечера. Уште едно загубено работно место уште едно предавство и понижување. Затоа еден почитуван мој пријател соборец сопартиец ќе рече не ти требаше да бараш лидерска средба никогаш опозицијата не бара власта не дава. Да можеби е тоа така во некои други мирнодопски времиња но денеска ние се бориме за опстанок. Ова е повеќе од воена состојба катаклизмата е пред нас. И кога гледате дека нема разум чест и честитост тогаш единствено нешто што ви преостанува е сами да се изборите за тоа што можеби вам ви припаѓа. Да се изборите за вашиот народ за вашите сограѓани да се изборите за Македонија. Ете затоа ја побарав таа лидерска средба. Затоа почитувани пријатели нема простор за суетност и гордост, туку за одговорност кон својата држава и граѓаните на Македонија. Затоа треба да се седне и разговара. Тоа ќе значи и спасени животи. И го барам ова не затоа што Заев ми е мил, туку затоа што се работи за нашата татковина и нашите најмили.
Многу важно, повторувам многу важно е да се постигне македонско национално единство. Да не се расеменуваме ниту делиме затоа што сме и вака и расеменети, и поделени. Мора за клучните прашања да покажеме единство, да покажеме морал и црвена линија која заеднички ќе ја браниме. Рамо до рамо еден до друг. Никој нема добро од тоа да бидеме понижени дури и оние кои во замена за пари и фотелји мислат дека така ќе им биде подобро. Нема да им биде подобро зошто нивните деца а и тие самите ќе бидат дел од асимилирана и понижена земја. Тоа не смееме и нема да го дозволиме. Тоа им го должиме на генерациите после нас а тоа им го должиме и на генерациите пред нас кои што се изборија за оваа држава. Почитувани пријатели
Ќе завршам како што и почнав,
ВМРО е живо ВМРО е пркост пиреј аманет обврска должност почитување.
ВМРО е нашата сила но и нашата слабост.
127 години од почетокот на ВМРО, значи истрајност, мудрост, храброст но и континуитет. Сите овие херои, не би биле тоа доколку се повлекле или потклекнале. Нивната коравост ги направила беспрмтни исто како што е бесмртна и Македонија.
Тие се бореа за држава, ние ќе се бориме за повеќе слобода и правда и да си ја сочуваме државата која што тие ни ја оставија во наследство. Почитувани присутни почитувани граѓани сопартијци обврска на ВМРО-ДПМНЕ е да не ги разочара тие идеали, но и да донесе иднина за секој еден човек. Нашата иднина е во ЕУ, и знаеме дека оваа власт е најмалку европска. Зошто? Затоа што ги видовме како крадат пари од ЕУ, и како панамски пари завршуваат со бизнис зделки со антинато бизнисмени во Тетово, но затоа ќе ја направиме разликата и ќе ја придвижиме интеграцијата. На Македонија и требаат стратешки пријателства со нашите стратешки партнери, а не стратешки предавства за лични интереси на политичарите на власт.
Ќе се борам во името на оваа моја генерација да докажам дека во политиката може поинаку од се што досега сте виделе. Мораме да станеме бранители на моралот и етиката во политиката а не тоа да биде срам туку да биде гордост, и тоа не е апстракција туку вистинска вредност. Мораме да докажеме дека мафијата е мафија затоа што има чесни луѓе кои се борат против нејзе. И дека таквите не се малцинство кое молчи туку мнозинство кое ќе стане гласно.
Мораме да се бориме за силна економија. За конкурентност во Економијата. Немаме повеќе генерации за губење ниту авиони за праќаме млади луѓе на печалба. Тука да ја создаваме иднината. Ќе ја сакаме Македонија повеќе ако тука ја донесеме Европа. Ќе ја сакаме Македонија повеќе ако ги вратиме сите оние млади луѓе наши сонародници кои што ја напуштија својата држава. Ја задолжија државата цели 2 милијарди евра од кој една милијарда откога е ковид кризата. Сите запрашајте се што ново изградија? Затоа треба промена. Ќе докажеме дека ја сакаме Македонија повеќе ако покажеме дека има чест, морал и кичма во политиката. Сите ние ќе ја сакаме повеќе Македонија ако докажеме дека наместо занимавање со проценти во администрацијата ќе се бориме за квалитет на кадрите. За повеќе достоинство и чесност во судиите кои ќе носат правда за обичниот народ.
Мораме да ја поразиме мафијата пред тие да ја поразат државата!
Мораме да ја сочуваме Македонија пред тие да ја распродадат татковината!
Ако Македонија е нашиот храм во кој веруваме тогаш ВМРО- ДПМНЕ е дел од тој храм!
И се додека ВМРО е пламенот, Македонија е тука. Македонија е жива.
Ова е битката на нашите животи. Последната брана и бедем од која нема назад. Нека е вечен празникот, нека е вечна Македонија!
Да сте ми вечни вие да е вековит и ценет овој ден да го славиме со успеси! Ви благодарам од срце што денеска сте овде со нас.