Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски го прими претседателот на Владата на Република Косово, Авдулах Хоти.
На средбата беа разменети мислења и информации за актуелните случувања во двете земји, за европската перспектива на државите од Западен Балкан, како и за севкупните мерки што се превземаат во справувањето со кризата од Ковид-19.
Претседателот Пендаровски изрази уверување дека одличните билатерални односи меѓу Северна Македонија и Косово ќе продолжат да се развиваат во духот на добрососедството, и ќе бидат потврдени со конкретни иницијативи, кои истовремено ќе придонесат за просперитетен и стабилен регион и забрзана регионална соработка.
Во таа насока, соговорниците разменија мислења и околу можностите за продлабочување на билатералната и регионалната економска соработка, како и за поинтензивна комуникација помеѓу бизнис секторите на двете земји.
„Глобалната пандемија не смее да биде пречка за натамошно унапредување на економските и трговските односи, и за интензивирање на меѓусебната соработка и поддршка на планот на евроинтеграциите и спроведување на реформските процеси”, посочи претседателот Пендаровски на средбата со косовскиот премиер.
Претседателот Пендаровски го поздрави Договорот за економско нормализирање на односите меѓу Косово и Србија потпишан во Вашингтон, како исчекор во изнаоѓањето на конечен компромис, посочувајќи дека истиот ќе придонесе за севкупната стабилност на регионот.