Зинедин Зидан, стратегот на Реал Мадрид, даде коментар по победата над Барселона (1-3) во првото „Ел Класико“ во новата сезона. Французинот истакна дека оваа победа не била за да се замолкнат критичарите, туку едноставно, за тимот и за сите играчи.
Тренерот на Каталонците, Роналд Куман имаше забелешки за ВАР и за досудениот пенал.
-Не дојдовме тука за да ги замолкнеме критичарите, туку да си ја вршиме работата, да бидеме обединети и тоа е тоа што успеавме да го направиме. Имавме компактен блок во одбраната, одлично игравме во нападот и тоа беше целта – да одиграме добар меч како тим. Горд сум на екипата, ми се допадна како сите трчаа и се бореа. Барселона е екипа која може да ти зададе многу неволји ако ѝ дозволиш. Но, ние бевме одлични. Тибо исто така беше добар. Имавме можности преку кои можевме до пет или шест гола. Среќен сум за играчите, видов како сите славеа по голот на Модриќ. Мора да бидеме среќни од она што го видовме. ВАР? Таму си има судии, тие го видоа пеналот и го досудија. Никогаш не говорам за судиите, тоа е една комплицирана тема која не би сакал да ја отворам денес. Без разлика на пеналот, ние заслуживме да победиме“, изјави Зидан.
Реал Мадрид со оваа победа над Барселона има шест бода повеќе во однос на ривалот и моментално се наоѓа на врвот во Примера. Французинот со овој резултат ја продолжи добрата серија против Барселона во Каталонија, затоа што на шест „Ел Класика“ има три победи и три ремија.