Здружението на ноќните клубови, кои заедно со рестораните за свадби и естрадните уметници протестираа пред Владата, објави дека на средбата со премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и останатите претставници им било кажано дека може да им се помогне со исплата на три кирии во овој период додека тие имаат забрана за работење во периодот на коронавирусот.
„По доставувањето на нашето барање за финансиска помош во висина од 30% од бруто приходот на секој ЛИЦЕНЦИРАН објект за месеците во кои НЕМАМЕ работено и за месеците што нема да ги работиме во иднина со што би можеле да ги сервисираме настанатите долгови за кирии, паушали за (струја,вода,телефони,интернет), закуп на паркинг простори, обезбедување на објектите и сл. и би продолжиле да ги сервисираме во идните месеци во кои нема да работиме , зошто со новонастанатата ситуација и порастот на бројките на заболени сигурно не би можеле да работиме во наредните 6 месеци, после две недели чекање добивме одговор дека ќе бидеме помогнати со финансиски средства во износ од 3 кирии. Искрено оваа понуда е срамна и навредлива, после 8 месеци без ниту еден работен ден, без никаква надеж и најава за наше отварање, после сите образложени трошоци со кои се соочуваме секојдневно да ни се понуди финансиска помош од само 3 кирии е апсурдно“, соопштија од здружението на ноќни клубови.
Тие се осум месеци присилно затворени, а очекуваат таквата ситуација да продолжи уште шест месеци. Велат дека премиерот Заев покажал разбирање за нивните проблеми, но и најавуваат уште протести во иднина.
„Нашиот праг на толеранција е веќе поминат и оваа понуда од страна на Владата на Република Македонија ќе биде проследена со масовни протести и тужба кон државата за настанатата штета и нарушеното Уставно право да работиш и да заработуваш“, додаваат од таму.