Коритото на реката Црн Дрим во централното градско подрачје во Струга е кристално чисто откако пред две недели во неколку фази започна чистењето на коритото на реката од устието до вливот во Глобочичко Езеро.
Проектот се спроведува преку Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во сливот на реката Црн Дрим, УХМР, Водостопанство на Македонија, Електростопанство на Македонија и повеќе невладини организации.
Втората фаза која започна го опфаќа делот од „Мостот на поезијата“ до истекот на Црн Дрим, кај Општата болница во Струга, во должина од 765 метри. Според направените анализи, проценетата количина депониран нанос, како што соопшти Општина Струга, е приближно 14.000 кубни метри. Талогот, посочуваат, го намалува капацитетот на проток и прави нееднаква дистрибуција на брзината на водата, а предизвикува голем ризик од поплавување на населените места.
Чистењето на речното корито на Црн Дрим се прави првпат од неговата изградба. Во првата фаза се чистеше устието кај истекот од Охридското Езеро. Проектот е предвидено да продолжи и идната година со чистење на старото корито на реката Сатеска.