Заради исполнетите капацитети за сместување на ковид-пациенти во целосна координација сме за префрлање на пациенти од штипската болница во Кочани, а тука, во Струмица, разговаравме за тоа како да се надополни кадарот, пред се, од колегите од интерна медицина и инфективното одеделение. Разговаравме и како постепено да се подготви и новото крило на болницата, кое е што е целосно опремено со кревети и со централен довод на кислород и за неколку денови може да биде ставено во функција, рече министерот за здравство, Венко Филипче при денешната посета на струмичката болница.
Истакна дека во новото болничко крило има стотина кревети, но треба соодветно да се распредели кадарот.
-Притисокот е навистина голем и искрено се надевам мерките кои ги препорачавме ќе придонесат да се намали трансмисијата на вирусот. Гледаме дека во цела Европа се преполнуваат практично болничките капацитети. Тоа е што сите земји сакаме да го избегнеме. Тоа беше разговарано на состанокот пред два дена во рамки на Берлинскиот процес чија цел е да се избегнат целосните „лок дауни”,подвлече Филипче.
Информираше дека и болниците во Скопје се преполнуваат со ковид-пациенти, а постепено се полни и модуларната болница во Скопје.
-Се прават подотовки за болницата во Козле и дополнитени капацитети во болницата „Осми Септември”, рече министерот за здравство, Венко Филипче.
Уште еднаш потенцираше дека сегашните мерки, кои сега се на сила, имаат за цел да лимитираат некаква форма на полициски час, односно лимитирање на контактите, носење на маски и избегнување на групирање.
Според директорот на струмичката болница, д-р Наќе Гогов, условите во новиот болнички крак ќе бидат многу подобри за пациентите.
-Дополнителен персонал ни е потребен и тој ќе се ротира од другите специјалности, така што мораме сите да учествуваме во работата на Инфективното одделение, рече Гогов.
Информираше дека двајцата лекари и шесте медицински сестри се уште се во изолација и на домашно лекување.
Моментно на лекување во болницата во Струмица се 32 ковид-пациенти, а 20 пациенти секојдевно примаат амбулатна терапија.
Откако пред неколку денови беа исполнети сите капацитети за болничко сместување, денеска се слободни пет кревети.