Јувентус со многу мака успеа да стигне до еден бод на домашниот натпревар против Верона (1-1), откако Дејан Кулушевски постигна гол за израмнување.
Од самиот почеток стана јасно дека Верона ќе му создава огромни проблеми на Јувентус, откако домашните фудбалери имаа многу мака да одговорат на пресингот на гостинскиот состав. Верона промаши неколку шанси, за Јуве да заигра подобро пред крајот на полувремето. Квадрадо промаши зицер тресејќи ја гредата од голот на гостите, за Мората во самиот финиш да постигне гол, но истиот да биде поништен со ВАР поради милиметарски офсајд.
Верона поведе преку Фавили во 60. минута, по одлична акција на избраниците на Јуриќ по една почетнички загубена топка на Бернардески на сопствената половина. Јувентус тргна во тотална офанзива, Дибала ја погоди гредата, пред Кулушевски да круниса една прекрасна соло-акција со гол за израмнување, што сепак се покажа недоволен за целосен пресврт.