Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски на отворањето на првиот дигитален конгрес на партијата се осврна на измените на статутот на партијата, со кои СДСМ се потврдува како јасна и транспарентна организација која се потпира на социјалдемократската идеологија, правда и правичност.
„Во Преамбулата на Статутот, покрај слободата, еднаквоста и солидарноста како основни социјалдемократски и демократијата како цивилизациска вредност, ја додадаваме и ПРАВДАТА. Правдата и економијата се основните обележја на трајната посветеност на нашата партија, порача Николовски.
Тој додаде дека вредностите, програмските принципи и начела на партијата ќе бидат заштитени со Кодекс за однесување на членовите на СДСМ, Надзорниот Одбор ќе биде задолжен за неговата примена, а сите членови, од партиските активисти до претседателот на СДСМ ќе бидат еднакво обврзани кон вредностите на СДСМ.
„Ние сме нова генерација на политичари кои се водат според етичкиот кодекс, политичари со висок морал, кои сами на себе треба да бидат најсилна контрола, истакна Николовски, додавајќи дека мора да ја избришеме сликата дека политичарите се корумпирани, поврзани со криминални структури. Никој да не смее да си дозволи да го наруши угледот и достоинството на членовите на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и на самата партија. Никој не смее ниту да се понадева да прекршува закони и да смета на заштита од СДСМ. Сега е време а ред, правда и дисциплина, време кога сите се еднакви пред законите. Секој еден за кој има и макар сомневања дека го прекршил законот, ќе се соочи со законот, без разлика дали е член или функционер на СДСМ, на некој од нашите коалициони партнери или е дел од која било политичка партија во државата” нагласи генералниот секретар Николовски на 25. Конгрес на партијата.