Овој Конгрес е важен, овие измени на статутот на СДСМ се важни затоа што ја зголемуваат демократизацијата, ја зајакнуваат позицијата на младите и жените внатре во партијата и ја унапредуваат положбата на сите членови на СДСМ, истакна заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска на 25-тиот Конгрес на партијата.
Таа нагласи дека најважната промена што денеска е пред делегатите на 25. Конгрес е изборот на претседател на партијата.
За првпат една голема, водечка партија во нашата државата својот лидер ќе го избира на внатрепартиски, непосредни избори. Со тоа, даваме пример како треба да дејствува една модерна отворена партија, подготвена постојано да се менува и да се унапредува. Тоа е најголемата разлика меѓу нас и другите партии кои функционираат како затворени системи, а кај некои нема апетит за промена иако се на погрешниот пат, ние носиме дополнителна вредност. Предлог-измените и дополнувања на Статутот на СДСМ се резултат на трајната борба одење напред за поголема демократизација на партијата, на нашата држава и на современите меѓународни трендови на социјалдемократијата, рече Шекеринска.
Заменик претседателката Шекеринска нагласи дека целта на предлог-измените и дополнувања на Статутот на СДСМ се зголемување на директната внатрепартиска демократија, зајакнување на положбата и учеството на жените и младите во партиската организација и одлучување и поставување на статутарна основа за кодекс за однесување на членовите на СДСМ согласно највисоките меѓународни стандарди и практика.
„За прв пат, Форумот на жени на СДСМ и Социјалдемократската младина на Македонија се регулираат како трајни и статутарно предвидени форми на организирање, а претседателите на Форумот на жени и на СДММ ќе учествуваат во работата на извршните органи, со право на глас на сите нивоа од локално до централно. За прв пат принципот на родовата еднаквост, односно еднаквоста помеѓу жените и мажите е принцип кој влегува во нашиот статут, младинското учество во партиските органи и процесите на одлучување е зајакнато, а статутарните измени решаваат и уште една, децениска битка на младите во СДСМ – изедначувањето на старосната граница во партијата и нејзино внесување во Статутот, но и зголемување на квотата на една триетина, односно33 отсто. рече Шекеринска
Таа додаде дека за прв пат членови во дијспорта со делегати ќе можат да учествуваат во работата на партијата, а се формира и Форум на пензинери, за да го искористиме искуството на нашите највозрасни членови, а оваа група граѓани истовремено активно да биде вклучена во креирањето политики за унапредување на животот на пензионерите.
За прв пат Комисиите на партијата ќе добијат дополнителна вредност и со право ќе станат моторот на создавање успешни и квалитетни политики, истакна Шекеринска.
Заменик претседателката на СДСМ нагласи дека вредностите, програмските принципи и начела на партијата ќе бидат заштитени со Кодекс на однесување на членовите на СДСМ, а сите членови, од партиските активисти до Претседателот на СДСМ ќе бидат еднакви да го почитуваат Кодексот. Ова се промени што даваат нова енергија на партијата, промени што водат напред, неколку чекори напред од сите останати политички партии во државата, нагласи Шекеринска.
„Се менуваме додека бевме опозиција и затоа станавме власт, се менувавме и по победата и затоа останавме власт, се менувавме и тогаш кога беше најтешко, кога беше тешко да се убедиме дека може да смените режим со пенкало, со демократски инструмент, резултатите доаѓаат кога ќе го избереш вистинскиот, а не најлесниот пат и денеска го правиме тоа го бираме вистинскиот пат, порача заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска на 25-тиот Конгрес на партијата.