Мандатарот за состав на црногорската влада, Здравко Кривокапиќ му рече на лидерот на Нова српска демократија, Андрија Мандиќ дека за него, како ни за лидерот на Демократската народна партија и Движењето за промени, нема место во идната влада, пишуваат подгорички Вијести.
Весникот наведува дека Кривокапиќ го пофалил придонесот на Демократскиот фронт во кој беа Мандиќ, Милан Кнежевиќ и Небојша Медојевиќ против власта на Мило Ѓукановиќ но и рече дека на идната влада и треба „поинаков профил на личности“.
Според истите сознанија, Кривокапиќ таквата позииција ја образложил со ветувањето кое им го дал на гласачите на новото мнозинство дека после 30-годишното владеење на парититократијата на Демократската партија на социјалистите (ДПС), ќе му понуди на Парламентот, пред се стручна влада, но и политички јасно дефинирана како антирежимска и проевропска.
Според „Вијести“, Мандиќ побарал од Кривокапиќ да го врати мандатот доколку Демократскиот фронт не биде „рбетот“ на новата влада, а лидерите на тој сојуз не се во новата влада и дека ќе бараат нов премиер.
Кривокапиќ, пак, оваа понуда ја одбил и денеска на Твитер порачал дека ниту една партија од победничката коалиција не се исклучува од процесот на формирање на влада, но дека инсистирањето на поединци од тие коалции не е во интерес ниту на граѓаните ниту на државата.