Зоран Милевски Кичеец утринава самиот се пријавил во затворот во Струга за издржување на затворската казна за „Рекет“, објави „360степени.“
Тој неодамна доби упатен акт со денешен датум, по што утринава самиот пристигнал во затворот.
На осудениот му останаа за издржување помалку од три години, бидејќи околу 8 месеци беше во притвор (прво во затворот „Скопје“, а потоа во домашен), период кој влегува во пресметувањето на казната.
Апелациските судии на 4 септември годинава објавија дека ја потврдуваат затворската казна, а ја прифатиле жалбата во делот од одлуката за одземените предмети од Кичеец. По пресудата на Апелација, следуваше и првиот упатен акт од Основниот кривичен суд во Скопје, според кој Кичеец на 12 октомври требаше да влезе во затворот во Шутка. Меѓутоа, тој во меѓувреме ја сменил адресата на живеење од Скопје во Охрид и од тие причини поднел барање за одложување на извршувањето на казната. Со тоа предметот се префрли во надлежност на охридскиот суд од каде што на 15 октомври потврдија дека му издале упатен акт, но за во затворот во Струга.
Бидејќи затворот во Струга е од отворен вид, многу е веројатно Кичеец само две недели да биде по 24 часа во затворот, а потоа доколку е работно ангажиран, да му биде дозволено да оди на работа, а по завршувањето на работното време повторно да се враќа во ќелија, пишува „Фокус“.
Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување санкции за „Фокус“ изјави дека Милевски многу е веројатно да добие третман од А тип, бидејќи тоа го добиваат осуденици кои за прв пат се осудени, не се води друга кривична постапка против нив, а се работно ангажирани.
Кичеец е осуден за делото примање наградата за противзаконито влијание.
Тој на 15 јули 2019 година, заедно со Бојан Јовановски-Боки 13, беше уапсен како осомничен во истрагата за „Рекет“, која тогаш ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Јовановски, пак доби девет години затвор.