Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров почнува турнеја низ Балканот, во чии рамки ќе ги посети Грција, БиХ и Србија. Лавров прво ќе допатува во работна посета на Атина, каде што ќе се сретне со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, премиерот Киријакос Мицотакис, како и со лидерот на опозициската СИРИЗА, Алексис Ципрас.
На 28 октомври ќе замине во Босна и Херцеговина, каде што ќе разговара со членовите на Претседателството на БиХ, одделно со Милорад Додик, со министерот за надворешни работи во Советот на министри на БиХ и со други претставници на босанските власти. Од руското МНР соопштија дека тема на разговорите за време на посетата на шефот на руската дипломатија ќе биде натамошниот развој на соработката меѓу БиХ и Русија во областа на политиката, трговијата, економијата и културата, како и хуманитарните прашања.
В среда, пак, Лавров ќе пристигне и во дводневна посета на Србија.
-Предвиден е состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ, како и присуство на свеченоста по повод завршување на внатрешното уредување на Храмот Свети Сава и палење на Вечниот оган на гробот на Ослободителите на Белград – изјави портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.