Играчот за врска на Манчестер Јунајтед, Пол Погба, изјави дека има намера да го тужи британскиот таблоид „Сан” за ширење на „веста” дека се повлекува од репрезентацијата на Франција, поради изјавата на претседателот Емануел Макрон за исламот и исламскиот тероризам.
Информациите беа распространети рано наутро, а потоа беа пренесени во сите поголеми изданија. Погба подоцна ги искористи социјалните мрежи за да ги побие гласините. Тоа го стори на оригинален начин, објавувајќи фотографија со материјалот од „Сан”, на која беше испишан текстот „неприфатливи лажни вести”.
Играчот од средниот ред тогаш изрази намера да го тужи изданието.
-„Сан” го стори тоа повторно. 100% неосновани вести кружат за мене, укажувајќи на работи што никогаш не сум ги кажал и не сум ги мислел. Јас сум ужаснат, лут, шокиран и разочаран што некои извори од „медиумите” го користат моето име за да измислуваат целосно лажни наслови во контекст на чувствителната тема на неодамнешните настани во Франција, поврзани со француската репрезентација и мојата религија. Јас сум против сите форми на терор и насилство. За жал, некои луѓе во печатот не постапуваат одговорно кога пишуваат вести, злоупотребувајќи ја слободата на говорот. Тие не проверуваат дали е вистина она што го пишуваат или шират и создаваат ланец гласини, не грижејќи се дека тоа може да влијае на животот на луѓето, како и на мојот личен живот. Преземам правни активности против издавачите и дистрибутерите на овие 100% лажни вести, рече Погба.
„Сан” одговори дека ја рашириле приказната за Погба и репрезентацијата откако таа веќе беше објавена на други спортски веб-страници.
Потоа му се извинија на Французинот.