Неидентификуван милитант активирал експлозив денес за време на полициска потера во Турција, во близина на границата со Сирија, објави АП.
Милитантот се разнел и не се соопштува детали за евентуални други жртви.
Инцидентот се случил во градот Искендер, во провинцијата Хатај, откако полицијата сакала да запре две лица во автомобил, на патот што бил блокиран, изјави гувернерот на таа област Хатај Рахми Доган.
Тој на Твитер напиша дека експлозијата се случила за време на полициска потера и дека експлозијата била предизвикана од „еден или двајца терористи“, но дека нивната акција била неуспешна.
„Истрагата е во тек, се обидуваме да откриеме што точно се случило“, напиша Доган.
Телевизијата „ХаберТурк“ објави дека милитантот бил убиен кога активирал експлозивна направа, но не е познато што се случило со другото лице и дали воопшто имало друго лице.
Полицијата, пожарникарите и медицинските екипи се испратени на границата со Сирија, јави АП, повикувајќи се на агенцијата Анадолија.
Експлозијата се случи неколку дена откако американскиот амбасадор во Анкара Дејвид Сатерфилд предупреди на можни инциденти и напади и врз американски и други странски државјани.
Тој ги повика Американците, кои во моментов се во Турција, да бидат претпазливи.
Исламската држава и одметната курдска милитантна група извршија серија терористички акции на територијата на Турција во периодот од 2015 до 2017 година.