Сите мерки за енергетската ефикасност, вклучително мерката за субвенционирање на ПВЦ-прозорци, за печки на пелети и инвертери и други мерки ќе бидат предвидени во наредниот буџет и ќе се реализираат наредната година, изјави министерот за економија Крешник Бектеши, прашан дали во буџетот за 2021 година е побарано враќање на укинатите субвенции поради состојбата со КОВИД-19.
Според Бектеши, средствата кои биле прераспределени во Ковид програмата, е побарано и ќе почнат да се реализираат од наредната година.
– Во дописот до Министерството за финансии веќе предвидовме средства за реализација на тие мерки, кои спаѓаат во програмата на секторот за енергетика, поточно за програмата за енергетска ефикасност. Речиси сите мерки што во 2019 година, во однос на енергетската ефикасност, ќе бидат предвидени и ќе почнат да се реализираат од почетокот на наредната година, вклучително мерката за субвенционирање на ПВЦ-прозорци, за печки на пелети и инвертери и други мерки, изјави Бектеши.
Во моментот кога ќе се усвои буџетот од страна на Собранието, посочи тој, ќе излеземе и ќе ги презентираме сите мерки.