Роамингот во регионот на Западен Балкан ќе биде целосно укинат на 1 јули 2021 година, беше потврдено денеска на отворањето на третиот Дигитален самит на Западен Балкан (ЗБ), чиј домаќин годинава е Тирана. На отворањето на самитот, што се одржува онлајн, генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Мелинда Брегу, истакна дека историскиот договор од Белград во 2019 година започна со постепено укинување на роамингот, што конечно ќе биде завршено на 1 јули следната година. Третиот чекор ќе биде намалување на роамингот меѓу земјите од Западен Балкан и оние од ЕУ.
– Договорот од Белград направи голем чекор напред, а третиот чекор, кој ќе биде од среднорочен карактер, е да се намали роамингот меѓу Западен Балкан и ЕУ. Подготовките за ова се веќе започнати и активностите ќе бидат презентирани за време на следниот дигитален самит, рече Брегу.
Таа додаде дека забрзаната дигитализација треба да придонесе за интеграција на пазарот на земјите од Западен Балкан и дека идејата за единствен пазар заснован на слободно движење на луѓе, стоки и капитал ќе биде потврдена на Самитот на лидерите на ЕУ и Западен Блакан во Софија, што ќе се одржи на 10 ноември како дел од Берлинскиот процес.
– Целта е да се создадат нови можности за раст на компаниите и создавање работни места. Регионот на Западен Балкан се соочува со нови предизвици поради пандемијата на Ковид-19 и затоа дигиталната агенда е една од главните за развој во новите услови. Пандемијата драматично го смени светот што го познаваме и ја забрза дигиталната трансформација на општеството и затоа треба во фокусот да бидат паметните политики за дигиталната револуција, посочи Брегу.
Според неа, и покрај кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот, со која се соочуваат регионот и светот, на третиот Дигитален самит на Западен Балкан ќе се разгледа можноста за воспоставување партнерство со приватниот сектор во контекст на процесот на дигитална трансформација.
Брегу додава дека на самитот ќе учествуваат високи владини претставници од регионот, Европската комисија, бизнис заедницата и други партнери.
Годинешниот самит, чиј домаќин е албанската Влада, се одржува онлајн, а во негови рамки е планиран завршниот министерски состанок на 2 ноември во Тирана.
По Скопје, кој беше домаќин на првиот дигитален самит на Западен Балкан во 2018 година и во Белград минатата година кога шест економии во регионот го потпишаа Регионалниот договор за намалување на цените на роамингот, самитот во Тирана ќе ги потенцира достигнувањата на дигиталната агенда за Западен Балкан.
Од денес до 28 овој месец преку интернет можат да се следат бројни сесии за мрежно поврзување и поврзување на услуги, дигитални вештини, дигитална економија додека завршниот состанок на самитот ќе се одржи на 2 ноември со министерски панел за дигиталната агенда за Западен Балкан. Се очекува да биде усвоен Меморандум за разбирање за регионалната интероператибилност и услугите за доверба во регионот на Западен Балкан, како и Меморандум за разбирање за планот за дигитална трансформација на 5Г за Западен Балкан.
Дигиталниот самит на Западен Балкан е дел од повеќегодишниот акционен план за регионалната економска област, поддржан од лидерите од регионот во Трст во 2017 година.
Советот за регионална соработка, заедно со ЕУ, владите во регионот, ЦЕФТА и партнерите, е во напредна фаза на подготовка на Акционен план за заедничкиот регионален пазар.