Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС) заедно со своите грански синдикати безрезервно го поддржува протестот на Синдикатот на полиција во Македонија, грански синдикат при КСС, кој ќе се одржи утре, информира претседателот на КСС Благоја Ралповски.
-КСС е против секоја форма на дискриминација и неправда кон работниците, против секоја форма не депрофесионализација и нарушување на достоинството на работникот и ги поддржува сите форми на синдикално делување кои водат кон унапредување на правата на работниците, како и борбата за сите стекнати права кои ни следуваат на нас како работници и синдикални лидери, а кои постојано ни се прекршуваат и погазуваат, изјави Ралповски..
Сметаме,додаде, дека е недозволиво во една земја да се деградира и да се обесправува полицијата, да се загрозува професионализмот на една толку важна алка во општествениот ланец, да се нарушува достоинството на вработените и на нивните семејства.
-КСС остро го осудува секој напад врз синдикалните лидери и ќе ги употреби сите свои средства во одбрана на честа на синдикалните претставници, бидејќи земја која претендира да биде европска не смее да дозволи да се загуши слободата на здружувањето и слободната волја на работниците, потенцира Ралповски.