Канцеларот Себастијан Курц изјави денеска по повод националниот празник на Австрија дека граѓаните ќе мора да живеат со коронавирусот уште многу месеци.
Како што рече, тие мора да издржат сè додека вакцината не овозможи враќање во нормала.
Курц рече дека знае дека многумина се истоштени поради оваа криза и дека повеќе не сакаат да слушаат за коронавирусот.
„Сакам да ви кажам, како граѓанин, дека ве разбирам. Исто така, не сакам да носам маски, да трпам ограничувања и сакам да можеме да славиме свечености кога сакаме. Но, како шеф на владата, не е моја работа да го кажувам она што сакаат да го слушнат сите“, посочи тој.
Курц рече дека граѓаните на Австрија ќе мора да живеат со коронавирусот уште многу месеци.
„Ќе мора да издржиме сè додека вакцината не ни овозможи да се вратиме во нормала. Ако фрустрацијата и гневот се посилни, тогаш треба да запомниме дека оваа криза не е трајна и дека крајот е на повидок”, рече тој.
Канцеларот ги пофали сите институции на земјата, а особено армијата, за нивниот придонес во оваа голема криза.
„Последните месеци уште еднаш покажаа дека без функционална армија, кризата не може да се надмине. Опремувањето на армијата ќе остане приоритет на оваа влада “, истакна тој во своето обраќање на свечената церемонија на заклетва на регрутите на австриската армија на националниот празник.
Тој изрази уверување дека Австрија, со своето единство, како и во минатото, добро ќе ја помине оваа криза.
„Пред нас се уште тешки месеци и знам дека не е лесно за сите нас“, рече Курц и додаде дека сегашната криза е без сомнение еден од најтешките предизвици со кои се соочува општеството од Втората светска војна.